Најголемите производители на нафта, Русија и земјите од ОПЕК, се многу блиску до договор што би спречил цената на тој енергенс да продолжи да се намалува, истакна американскиот претседател Доналд Трамп по разговорот со рускиот претседател Владимир Путин и со саудискиот крал Салман.
– Треба да спречиме понатамошен пад на цената, бидејќи во спротивно нашата нафтена индустрија ќе пропадне – заклучи Трамп, додавајќи дека САД ќе го намалат производството на нафта.
ОПЕК и производителите на нафта што не се во таа организација постигнаа договор за намалување на производството за 10 милиони барели на ден во мај и во јуни, за да предизвикаат вештачки недостиг на пазарот со покачување на цената на нафтата, која е на досега незабележан минимум поради пандемијата.
Намалувањето на производството ќе биде ублажено во периодот јуни-декември на осум милиони барели на ден, а потоа и на шест милиони барели помеѓу јануари и април 2021 година, според ОПЕК.