Едни влади почнаа да наложуваат, а други да препорачуваат носење маски во јавност. Прашањето ги подели и експертите, а СЗО најави дека ќе ги преиспита досегашните совети. Граѓаните се збунети од морето информации

Државите во светот се поделени за прашањето дали граѓаните треба да носат маски за да се заштитат од коронавирусот. Ова прашање ги дели и самите експерти, а Светската здравствена организација (СЗО), која првично нагласуваше оти маски би требало да носат само луѓето што веќе се болни или тие што се грижат за нив, сега најавува дека ќе ги преиспита своите совети. Граѓаните во меѓувреме се збунети дали да носат маски и какви да бидат тие.
Во Европа, луѓето што носеа маски првите денови на пандемијата на коронавирусот, честопати беа подзагледувани. Но сега се чини ситуацијата е обратна, односно прекорни погледи добиваат токму оние што не ги носат.

Властите во повеќе европски земји досега не препорачуваа целото население да носи маски, но сега сѐ повеќе влади, како тие на Чешка, Словачка, Бугарија или на Австрија, препорачуваат или наложуваат носење маски на јавни места или во супермаркети. Поради ваквата поделба, граѓаните се збунети и за тоа какви маски да носат, хируршки или други, и, уште поважно, каде да ги набават.
Прашањето за носењето маски одново го разгледуваат експертите што го советуваат СЗО, откако беа објавени истражувања, меѓу кои и едно во САД, според кои дострелот на капките од лица што киваат или кашлаат, а се заразени од ковид-19, достигнува и до осум метри. Ова е многу повеќе отколку што се претпоставуваше претходно.

СЗО засега советува луѓето да одржуваат растојание од најмалку еден метар од лицата што кашлаат или киваат за да се избегне ризикот од инфекција. Организацијата, исто така, препорачува маски да носат само лицата што се заразени, како и лицата што се грижат за нив, а не и здравите лица. СЗО нагласува дека носењето маски има ефекти само ако тие се отстрануваат соодветно и ако рацете се мијат често.
Истражувачи во МИТ во САД, со помош на брзи камери и сензори, анализирале што точно се случува кога лицата кашлаат или киваат и утврдиле дека капките што тие ги исфрлаат достигнуваат далечина и до осум метри.

Професорката Лидија Бурубиа, која го предводела истражувањето, вели оти резултатите го менуваат актуелниот концепт за социјално дистанцирање и за носење маски. Според неа, носењето маски во мали или непроветрени простории го намалува ризикот од изложување. На пример, при средби со заразени лица, маските може да помогнат да се пренасочи протокот на нивниот воздух или капки што подалеку од устата. Како што посочува таа, слабо поставените или неквалитетните маски нема за заштитат од вдишување на најмалите честички во воздухот бидејќи не обезбедуваат филтрација, ама сепак би можеле да го пренасочат настрана облакот што доаѓа со голем интензитет.

Претседателот на експертската група на СЗО, проф Дејвид Хејман, за Би-би-си вели дека новото истражување може да доведе до промена на советите за маски на светската организација.
– СЗО повторно ја отвора дискусијата, во потрага по новите докази за да се види дали треба да има промена во начинот на кој препорачуваат да се користат маски – вели тој, додавајќи дека ако има докази за научните наоди, тогаш може да се покаже дека носењето маски е еднакво ефикасно или можеби и поефикасно од социјалното дистанцирање.

Сепак, тој предупредува дека маските треба да се носат правилно и да бидат запечатени над носот. Ако тие станат влажни, вели Хајман, тогаш честичките можат да поминат. Луѓето мора да ги отстранат внимателно за да избегнат рацете да бидат изложени на вирусот. Тој, исто така, посочува дека маските треба да се носат постојано.
– Не може да носите маска и потоа да одлучите да ја тргнете за да пушите цигара или за да јадете оброк. Таа мора да се носи постојано – вели тој.


Кои земји најмногу извезуваат медицинска опрема?

Германија е најголем извозник на медицински производи во светот, a Кина и Сингапур се лидери во извоз на маски и респиратори, се вели во извештај на Светската трговска организација (СТО), во кој се забележува и дека за време на пандемијата на ковид-19 најмногу се царини сапунот.
Вкупниот извоз на лекови, медицинска опрема, производи за лична заштита и медицински материјали достигна 996 милијарди американски долари во 2019 година, што е за шест отсто повеќе од претходната година. Германија е најголем извозник со вредност од 136,2 милијарди долари и учество од 14 отсто на светскиот пазар. На второ место се САД со 116,6 милијарди долари и удел од 12 отсто, а Швајцарија е на третото место со извоз од 90 милијарди долари и девет отсто од глобалниот пазар. Трите земји учествуваат во над една третина од светскиот извоз на медицински производи, се вели во извештајот на СТО.

Кина, пак, е најголем извозник на заштитни маски во светот и држи речиси една четвртина од глобалниот пазар. Заедно со Германија и со САД таа ја произведува речиси секоја втора маска, јави Б92.
СТО објави податоци и за производи од кои има недостиг во борбата против ковид-19, според честите предупредувања од владите, меѓународните организации и медиумите. Тоа се средства за дезинфекција и стерилизатори, заштитни маски, ракавици, сапуни и санитарни течности, монитори за следење, уреди за мерење на пулсот, очила и визири, стерилизатори, термометри, ултразвучни и рендгенски машини, респиратори, како и маски за кислород.
СТО укажува и на големи разлики во царините на производите важни во битката против ковид-19, кои се движат од два отсто за лекови до 27 отсто за ракавици, маски и очила. Царините за сапунот во просек се 17 отсто, а во некои земји надминуваат и 50 отсто.


„Маски добива тој што ќе плати најмногу“

Побарувачката на заштитни маски за лице го полуде пазарот на маски од кинески производители, кои во моментот остваруваат огромна заработка бидејќи клиентите во светот се борат први да застанат во редот за чекање, посочува Мајкл Крот, посредник за текстил со седиште во Шангај. Тој вели оти производителите на маски и распиратори од клиентите бараат однапред да им се платат во целост сумите за производите, уште пред тие да ги напуштат фабриките.
– Ова е лудница. Парите зборуваат. Фабриките знаат само едно, а тоа е што има на банкарската сметка и кога се префрлени средствата. Ако вашите пари се први, тогаш побрзо ќе ги добиете маските од преостанатите – објаснува Крот.

Според посредникот од Кина, фабриките што брзо ги пренаменија своите производствени линии за правење маски, бараат 50 отсто од исплатата да биде во моментот кога ќе се изврши нарачката, а преостанатите 50 отсто уште пред маските да ја напуштат фабриката, пренесува британски „Гардијан“.
Во меѓувреме, неколку земји ги обвинија САД за „модерно пиратство“, тврдејќи дека им пресретнале стотици илјади маски. Една од нив беше Германија, која потоа го повлече тврдењето, велејќи оти ситуацијата е неразјаснета. Берлин првично тврдеше оти САД на аеродром во Тајланд пресретнале пратка од 200.000 маски за лице „3М“, наменети за германските полициски сили.

Германските власти потоа рекоа оти е нејасно која е крајната дестинација на заштитните американски маски, а американскиот производител негираше каква било вмешаност во инцидентот. Компанијата „3М“ е под притисок од Вашингтон да престане да извезува маски и да снабдува други земји, освен САД.