Светот има милиони полициски службеници. Меѓу нив има и такви што му припаѓаат на еден сосема друг свет. Тие се славни, тие се актери или спортисти што ги гледаме на црвениот тепих, тие се лица што сме навикнати да ги гледаме во сосема поинакво светло. Сепак се одлучиле да работат и друга работа, со која ќе дадат свој придонес во општеството. Тие ѝ служат или ѝ служеле на својата држава без паричен надомест

ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ ВО БОРБА СО КРИМИНАЛОТ

Да се биде полицаец е можеби една од најтешките и најодговорни работи во светот. Тоа е работа што ретко кога дозволува да се случуваат грешки, работа што бара огромна саможртва за доброто на другиот. Полициски истраги, соочување со криминалци од различен калибар, што често значи и ризикување на сопствениот живот, чување на јавниот ред и мир, решавање убиства, самоубиства, семејни насилства, се само мал дел од работите со кои се соочуваат полициските службеници насекаде низ светот. За да се биде полицаец, покрај физичката подготвеност, потребно е да се има желба кон таа работа.
Светот има милиони полициски службеници. Меѓу нив има и такви што му припаѓаат на еден сосема друг свет.

Тие се славни, тие се актери или спортисти што ги гледаме на црвениот тепих, тие се лица што сме навикнати да ги гледаме во сосема поинакво светло. Сепак, се одлучиле да работат и друга работа, со која ќе го дадат својот придонес во општеството. Тие се полицајци и ѝ служат или ѝ служеле на својата држава без паричен надомест.
Еден од најпознатите полициски службеници, кој сме навикнати да го гледаме во акциските филмови, исто така како полициски службеник е Стивен Сигал. Тој е доста популарна филмска ѕвезда, со која пораснаа неколку генерации. Сигал е соработник на шерифскиот департмент Џеферсон уште од 1980 година. Неговата работа е слична како и онаа што тој ни ја прикажуваше во многубројните филмови.

Фаќањето криминалци е негова пасија, за што снимаше и реално шоу, каде што сите негови обожаватели можеа да се запознаат поблиску со неговата полициска кариера.
Освен што важи за еден од најдобрите кошаркари, Шекил О’Нил долго време работел како резервен полицаец за полицијата во Лос Анџелес, Департментот на полицијата на Мајами за плажа и полицијата во Јужна Флорида. О’Нил има завршено две полициски академии во различни држави и има титула американски маршал. Лани тој најави дека оваа година ќе се кандидира за шериф на полицијата во Џорџија.

Денис Фарина, пак, работел како полицаец во полицијата во Чикаго цели 18 години. Освен што бил полицаец, работел и како детектив. Својата актерска кариера всушност ја започнал како консултант на режисери што снимале телевизиски емисии поврзани со полицијата. Дури потоа ја почнал кариерата како актер.
Ден Акројд, е познат актер во хумористични филмови. Но неговите колеги во полицијата го сметаат за добар колега, кој одлично и доста посветено си ја врши својата работа. Работи хонорарно како командир во полицијата во Луизијана.
Како резервен полицаец работи и познатиот Џејмс Вудс, кој можеби својата клучна улога во полицијата ја има одиграно по нападите на 11 септември 2001 година. Тој пријавил сомнително однесување во авион за време на лет, со што е можно успешно да спречил уште еден таков фатален напад.

Роден во 1943 година, Кен Осмонд можеби е еден од најстарите актери и пензионирани полицајци во Соединетите Американски Држави. Долги години работел како полицаец во полицијата во Лос Анџелес. Бил полицаец моторџија, односно својата функција ја вршел возејќи мотор и по тоа е и запаметен. Работел и како заменик-офицер. Додека бркал осомничен, тој бил застрелан во 1980 година, но огромна среќа било што во моментот на престрелката Осмонд носел панцир, кој му го спасил животот.
Како голем обожавател на полицијата, кој собирал чиновнички значки, но и поради осудувањето на комерцијалното користење дрога, Елвис Присли бил назначен за хонорарен полицаец во секторот за борба против дрогата во 1970 година, од страна на тогашниот претседател Ричард Никсон. Присли бил особено горд на своето именување во полицијата.
Полицијата во Ајдахо може да се пофали дека во своите редови во борбата со криминалот го има Супермен. Американскиот актер Деан Кејн од 2018 година работи како резервен полицаец, и тоа во делот за заштита на децата од онлајн-предатори. Освен оваа работа, тој може да патролира низ улиците каде што ќе реагира на другите видови криминал.
Можеби еден од најпознатите полицајци на светот, за кого сѐ уште се раскажуваат шеги и анегдоти за бесмртноста, Чак Норис не се плашел своите вештини да ги употреби и во реалниот свет. Тој во 1997 година служел во полицијата во Тексас, на која ѝ помогнал во борбата со дрогата на улиците.

Рок-ѕвездата Еди Мани, кој врвот во својата кариера го достигна во 1970-тите и 1980-тите години, работел и како полицаец во њујоршката полиција. Во полицијата тој бил познат како Едвард Махони, но сепак сакал да ѝ се посвети на својата музичка кариера, па ја напуштил полицијата.

[email protected]