Сė уште не се знае колку дополнително ќе чини изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Во моментот се преговара за дополнителните активности кои не биле предвидени со проектот како што се клучките, споредните патишта и довршувањето на тунелот.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов очекува дека за околу еден месец ќе се знае уште колку точно средства ќе бидат потребни за изградба на овој автопат.
– Доколку работиме по проектот онака како што е, не ми требаат толку многу пари, но патот ќе биде неупотреблив. Треба да изградиме минимум осум клучки коишто ќе ги опслужуваат луѓето од Кичево до Охрид. Како што е сега проектиран патот, од Кичево до Охрид не ќе може ниту да се качите, ниту да се симнете. Мора да има сервисни патишта – изјави Китанов.
Ќе биде побарано и од Парламентот да се пренаменат од една во друга ставка 220 милиони евра од заемот од Ексим банка кои сега стојат на располагање, но не може да се искористат.
Според проценките, изградбата на клучките би чинела околу 30 милиони евра, а во следниот период, како што најави Китанов, акцентот ќе биде ставен на косините после тунелот кои се во должина од осум милиони метри кубни.
Во завршна фаза е и експропријацијата од првичната траса, но со дополнителните активности се очекува да се појават и нови експропријации.
Од друга страна на автопатот Миладиновци – Штип се очекува градежните активности да завршат до крајот на септември. Таму интензивно се работи и се отстранети сите проблеми. Кај овој автопат нема дополнително трошоци, а надлежните најавуваат можни заштеди.