Денеска без струја дел од жителите на Општина Сарај
Дел од жителите на Општина Сарај, денеска, пет часа ќе останат без напојување со електрична енергија. Во периодот од 9 до 14 часот без струја ќе останат дел од жителите на селата Долно Свиларе и Горно Свиларе.
Како што соопштуваат од „ЕВН Македонија“ АД исклучувањето од електросистемот е поради веќе закажани технички зафати, кои ќе се изведуваат токму во овој период од денот кога ќе трае и исклучувањето.
Општина Чаир подели заштитни маски и средства за дезинфекција
Општина Чаир им подели заштитни маски и средства за дезинфекција на 15 приватни амбуланти, кои функционираат на нејзината територија. Од локалната самоуправа велат дека продолжуваат да се грижи за сигурноста на медицинскиот персонал и нивните пациенти.
– Грижата за сигурноста на медицинскиот персонал, кој е првата линија во борбата против вирусот ковид-19, е еден од најголемите приоритети за кој најискрено се залагаме. Тие се на фронтот на вирусот и затоа за нив сме многу искрено ангажирани – велат од Општина Чаир.
Во Шуто Оризари по објектите се дезинфицираат и јавните површини
Започна дезинфекцијата на јавните површини, тротоари и улици на територијата на Општина Шуто Оризари. Оваа активност се реализира откако беше завршена дезинфекцијата на затворените објекти и подобрените временски услови го овозможија излегувањето на терен.
– Општинскиот кризен штаб започна со реализација на вториот дел на предвидени активности од акцискиот план за дезинфекција на затворени и отворени површини на територија на Општина Шуто Оризари. Во текот на оваа недела е предвидено да се изврши дезинфекција на сите улици и јавни површини на територијата на нашата општина – информираат надлежните од Општина Шуто Оризари.
Општина Карпош и натаму дезинфицира станбени згради
Општина Карпош и натаму дезинфицира станбени згради, со повеќе од осум домаќинства, а минатата недела изврши дезинфекција на повеќе од 1.000 влеза на територијата на Карпош. Комуналните служби ги дезинфицираат влезните врати и делови од згради, гелендерите и поштенските сандачиња, а се користи посебно средство за дезинфекција на јавните површини. Фокусот е ставен на дезинфекција на деловите, кои граѓаните почесто ги допираат со рака, за да се спречи ширење на коронавирусот.
– Ги повикуваме сите заедници на сопственици, куќни совети да продолжат со секојдневното одржување на хигиената во влезовите. По консултации со Центарот за јавно здравје, улога на дезинфекција вршат и хигиенските средства со кои се одржува чистотата во нормални услови, како сјај, варикина и слично. Да ги почитуваме препораките за заштита од коронавирусот. Сите сме одговорни за јавното здравје – порачуваат од Карпош.