ДЕНОТ НА ШЕГАТА ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Одбележувањето на Денот на шегата, 1 април, годинава е во поинакви околности од кога било во минатото. Колку во вакви услови на криза, вонредна состојба, карантин и самоизолација поради пандемијата на корнавирусот хуморот може да влијае во подигање на духот на народот и на општеството и да претставува своевидна терапија за широките народни маси да издржат и да ги пребродат тешкотиите
Во нормални околности, денешниот датум 1 април им е посветен на хуморот и сатирата. Така е секаде во светот, се разбира и кај нас. Но годинашниот 1 април е на некој начин исклучок од досегашната практика. Пред сѐ и поради фактот што моменталните околности се далеку од вообичаени и нормални поради пандемијата на коронавирусот со која е зафатен целиот свет, кој се наоѓа во кризна односно вонредна состојба. Колку во вакви услови хуморот може да влијае во подигнување на духот на народот и на општеството и да претставува своевидна терапија за широките народни маси да издржат и да ги пребродат тешкотиите? Интересно, 1 април важи за ден кога се носат маски за да се насмее и развесели народот, но овој пат сите принудно сме маскирани, односно сме принудени да носиме маски, не поради шегата туку поради заштита на јавното здравје и превенција од ширење на опасниот вирус..
Комичарите и хумористите истакнуваат дека хуморот им помага на луѓето низ шега и смеа да се опуштат и барем за момент да заборават на тешкото секојдневие и за животот во карантин во борбата со справување со коронавирусот.
Тие, коментирајќи ги актуелните случувања, заклучуваат дека ниту во најтешките моменти хуморот не ги напушти Македонците, а така е и во овие моменти, кога информациите за пандемијата се примаат со чувство на страв и вознемиреност.
Во такво време, според нив, евидентно е дека на социјалните мрежи паралелно со советите за заштита од вирусот, кај граѓаните циркулираат и вицови и видеа со разни шеги инспирирани од условите на живот во вонредната состојба.
Горан Ѓуровски од „Зевзекманија“ вели дека во едно вакво време хуморот е повеќе од потребен, тој е најдобар лек за нашиот народ и општество од коронавирусот и треба да го има во поголеми количества.
– Народот се исцрпува од лоши вести за вируси и болести, а хуморот барем за миг го оддалечува од тие лоши мисли. Сметам дека духот на народот не е скршен и дека ние сме силен народ, кој ќе го издржи и победи сето ова – вели Ѓуровски.
Според нашиот соговорник, комичарите и хумористите се тука да помогнат да се насмее народот и да се освежи од негативната енергија.
– Сметам дека хуморот во овие моменти треба да биде уште подостапен во медиумите. Од смеење никој не умрел – оценува Ѓуровски.
Тој вели дека што се однесува од инспирацијата, во моментов тема на сите што работат во оваа бранша е вирусот, самоизолацијата и како таа дејствува на луѓето, како се снаоѓаат тие и како генерално живеат сите во ситуација на т.н. домашен притвор.
Низ шега, Ѓуровски додава дека, меѓу другото, сега кога влеговме во НАТО, ни короната не ни може ништо.
Хумористот Војче Китановски смета дека особено во вакви неизвесни времиња многу е важно да се одржува духот.
– Хуморот е своевиден отпор, пркос наспроти неизвесноста на реалноста и затоа е многу битно да се одржува ваквиот дух кај народот – вели Китановски.
Според хумористот, постарите луѓе велат дека ова не е ништо, дека имало и многу потешки состојби во минатото, а според информациите со кои нѐ бомбардираат, тешкото допрва доаѓа.
– Измачувачка е неизвесноста и тоа што не знаеме што е вистина, а што е лага. Колку се инспиративни овие времиња за хумор? Искрено, не се инспиративни, но се трудам ситуацијата да ја искажувам духовито, за да не ја изгубам од предвид светлата страна на животот. Во услови на изолација, многу читам, но и секојдневно пишувам афоризми за да ги развеселам луѓето и да придонесам полесно да ја надминеме состојбата – вели Китановски.
Ранко Петровиќ, попознат по сценското име Ранко Бубамара, вели дека хуморот, во принцип, е здрава работа за да се поднесе реалноста, да се надминат тешките ситуации со одржување на духот.
– Во условите во кои се најдовме поради коронавирусот, односно самоизолација како превентива од негово ширење, хуморот и понатаму останува здрава работа, но за дома и меѓу пријатели. Ова не е време во медиумите да се пласира хумор од сегашнава ситуација, сега е добро да се укажува на превентива, заштита и подигање на нивото на организација. Но ако е потребно, тоа може да се прави на симпатичен начин, а не хумористичен. Најсериозно да се почитуваат мерките и препораките на СЗО и на Министерството за здравство… И пред сѐ, да седиме дома, за да имаме шанса подолго да се смееме – вели Ранко Бубамара.