Денес најбогата личност на светот е Џеф Безос, извршен директор на компанијата „Амазон“, чие богатство се проценува на околу 150 милијарди долари. Но богатството на Безос не е ни половина од она на најбогатиот човек во историјата. Оваа титула му припаѓа на германскиот трговец и банкар Јакоб Фугер (1459-1525), познат и како Јакоб Богатиот, чие богатство врз основа на тековниот американски БДП изнесува околу 400 милијарди долари

Колку бил богат?

Во средината на 19 век, Џон Астор – истакнат член на фамилијата Астор и прв мултимилионер во Америка, поседувал околу 168 милијарди долари, Хенри Форд – основач на компанијата „Форд мотор“, поседувал 200 милијарди долари, богатството на Џон Рокфелер – американски индустријалец и филантроп, се проценува на 350 милијарди долари, Ендрју Карнеги – американски магнат, поседувал 310 милијарди долари, а богатството на најбогатиот човек на денешницата – Џеф Безос, се проценува на околу 150 милијарди долари. Меѓутоа, Јакоб Фугер е побогат од сите нив и неговото богатство изнесувало 400 милијарди долари. Во поголем контекст, Фугер поседувал 2,2 отсто од целокупната економија на Европа. За споредба, во 1937 година Рокфелер поседувал 1,5 отсто од БДП на Соединетите Американски Држави, меѓутоа станува збор за една држава, додека Фугер поседувал БДП на цел континент.

Потекло и образование

Јакоб Фугер бил роден во градот Аугсбург, тогашен финансиски центар на Светата Римска Империја. Неговото семејство во текот на две генерации преку трговија со текстил создало одредено богатство. Кога имал 10 години, неговиот татко починал, а неговата мајка го испратила во Венеција, тогашен центар на меѓународната трговија. Фугер во овој италијански град ги изучувал банкарството, книговодството и трговијата, стекнувајќи вештини што му служеле до крајот на животот. Освен изучувањето на принципите на трговијата, Фугер научил да пишува и да говори повеќе странски јазици.
Иако не бил основач на германската трговска и банкарска династија чие име го носел, Јакоб Фугер експоненцијално се збогатил преку профитабилни финансиски договори со Светата Римска Империја, со што уште повеќе ги издигнал моќта и угледот на своето семејство.

Првите чекори

Со стекнатите вештини се вратил во родниот град и започнал да работи во фирмата на неговиот постар брат. Јакоб не работел со финансиски зделки и заеми, но станал сведок на настан, кој целосно влијаел врз неговата идна активност. На хабсбуршкиот император Фридрих Трети му бил потребен квалитетен текстил за да остави добар впечаток кај војводата од Бургундија, но му недостигале пари. Фридрих Трети се обратил кај фамилијата Фугер и Јакоб бил сведок на договорот помеѓу неговиот брат и императорот, најдобрата свила во замена за благородничка титула. Јакоб увидел дека соработката со хабсбуршката династија е полезна и првата неговата самостојна активност била во тој правец.

Прв самостоен договор

На 26-годишна возраст сѐ уште работел за своите браќа и заминал за Австрија, со намера да се вклучи во рударството. Од своите браќа добил целосна автономија во донесувањето на одлуките. Јакоб се сретнал со надвојводата на Австрија и владетел на Тирол, позајмувајќи му финансиски средства во замена за концесија со рудниците на сребро. Овој договор ја зацврстил соработката помеѓу хабсбуршката династија и банкарската империја на фамилијата Фугер. Четири години подоцна, на надвојводата на Австрија повторно му биле потребни пари, но никој не сакал да му позајми поради големите долгови. На крајот, повторно му се обратил на Јакоб, кој бил подготвен за соработка. Надвојводата ги добил потребните финансиски средства во замена за сребро по најниска цена, до оној момент кога надвојводата ќе го врати заемот.

Пионерски склоности

Таму каде што другите банкари гледале ризик, Јакоб гледал можност. Фугер ја покажал својата генијалност при договарањето голем број зделки и преземањето ризици, кои на крајот се исплателе. Фугер е првиот човек што испраќал ревизори во експозитурите, бил опкружен со адвокати и сметководители, кои го советувале, а создал и мрежа на информатори.

Финансиски магнат

Во 1494 година, Јакоб создал рударска фирма за да создаде монопол на трговијата со бакар. Најпрво купил рудници и топилници во Словачка. Многу бргу, Јакоб Фугер создал голема трговска империја, која се простирала од Англија до Индија и Африка. Со профитот од бакарот и другите зделки, започнал да им позајмува пари на кралевите, аристократијата и црквата. Од 1490 година станал главен финансиски поддржувач на хабсбуршкиот владетел Максимилијан Први. Неговото најголемо достигнување е финансиската поддршка при изборот на Карло Петти за император на Светата Римска Империја, контра францускиот крал Франсоа Први. Во замена за поддршката, Карло Петти му ја доделил титулата гроф и му дал суверени права над своите земјишта, вклучувајќи го и ковењето сопствени пари. Во 1516 година, Фугер му станал сојузник и на англискиот крал Хенри Осми преку давање неколку заеми. Неговото влијание во кралските средини се чувствувало со децении по неговата смрт.
Во 1520 година, познатиот германски ренесансен сликар Албрехт Дирер го овековечил Фугер со портрет, претставувајќи го во мудар став. Во текот на својот живот, бил голем покровител на родниот град и изградил повеќе објекти, вклучувајќи и неколку цркви.