Европските лидери синоќа ја потврдија одлуката на министрите за отворање пристапни преговори со Македонија, објави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Европските лидери состанокот го одржаа онлајн, а главна тема беше коронавирусот.
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, наведе дека одлуката покажува дека ЕУ останува насочена кон своите приоритети и во тешки околности.
– Задоволни сме поради потврдата на одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија со што е остварен еден од приоритетите на хрватското претседателство. Тоа покажува дека ЕУ останува насочена кон своите приоритети и во тешки околности“, напиша Пленковиќ.
Претходно, на 24 март министрите за европски прашања на земјите од ЕУ одобрија почеток на преговорите за Скопје и Тирана.