Од ИО на ИОК ја отфрлаат можноста за откажување на Игрите, бидејќи тоа ќе го „уништи олимпискиот сон на 11.000 спортисти“ и на сите оние што ги поддржуваат. ИОК се соочува со зголемен притисок да ги одложи Игрите, бидејќи многу луѓе низ светот се разболеа и починаа од коронавирусот, атлетските патеки, спортските сали и јавните места се затворени во поголемиот дел од светот, а откажани се и многу квалификациски натпревари

Извршниот одбор (ИО) на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) соопшти дека размислува за одложување, но не и за откажување на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Токио, поради пандемијата на коронавирусот. ИО на ИОК соопшти дека разгледува повеќе опции, според кои Игрите би почнале на 24 јули или би бил променет датумот на почетокот. Конечната одлука треба да биде донесена во наредните четири недели. Засега од ИО на ИОК ја отфрлаат можноста за откажување на Игрите, бидејќи тоа би го „уништило олимпискиот сон на 11.000 спортисти“ и на сите оние што ги поддржуваат, се вели во писмото до спортистите од претседателот Томас Бах.
– Откажувањето не би решило никаков проблем и нема да му помогне никому. Затоа, тоа не е нашата агенда – напиша тој.
ИОК посочи дека условите во Јапонија значително се подобриле, иако на глобално ниво и понатаму има драматично зголемување на бројот на позитивни на коронавирус. Бах призна дека пандемијата и мерките за забавување на нејзиното ширење влијаат врз плановите за тренинг на спортистите.

– Многумина од вас не можат да се подготвуваат и да тренираат на начинот на кој сте навикнати, некои дури и воопшто не тренираат, поради мерките во вашата земја – рече тој.
ИОК се соочува со зголемен притисок да ги одложи Игрите, бидејќи многу луѓе низ светот се разболеа и починаа од коронавирус. Атлетските патеки, спортските сали и јавните места се затворени во поголемиот дел од светот, а откажани се и многу квалификациски натпревари. Канада објави дека нема да испраќа спортисти на ЛОИ во Токио поради пандемијата, а Австралискиот олимписки комитет повика да се одложат Игрите и им препорача на своите спортисти да се подготвуваат за ЛОИ 2021. Четирикратната освојувачка на златен медал во хокеј на мраз и членка на ИОК, Канаѓанката Хејли Викенхајзер, изјави дека е „нечувствително и неодговорно“ од ИОК да инсистира Игрите да се одржат. Гласни во барањата да не се одржат Игрите летово се атлетската и пливачката асоцијација на САД, кои се залагаат за одложување од 12 месеци. Претходно, слично сугерираше и претседателот на атлетската асоцијација на Велика Британија, Ник Кауард.

– ИОК треба да размисли и да одлучи што ќе биде со Игрите 2020. Спортистите го ризикуваат животот доколку продолжат со тренинзите. Тие треба да тренираат, но многумина немаат каде – објави на Твитер четирикратниот олимписки шампион, Американецот Мајкл Џонсон.
За одложување на Игрите во Токио се заложи и претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу. Јапонскиот премиер Шинзо Абе вчера пред парламентот на својата земја рече дека одложувањето на Игрите е неизбежно доколку не можат да се одржат на соодветен начин.


Димовски: Рано е за конечна одлука

Според мене, уште е рано за конечна одлука ЛОИ во Токио да се одложат. Сметам дека треба да се види како ќе се развива ситуацијата до почетокот на јуни, а ако сѐ биде во ред, да се одржат при крајот на август или почетокот на септември. Ако и тогаш актуелната состојба не биде добра, тогаш Игрите да се одржат следната година, вели претседателот на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), Примислав Домовски, кој додаде и дека македонските боксери Гоце Јанески и Јасин Љама, кои беа дел од квалификацискиот олимписки турнир во Лондон, уште се таму, добро се чувствуваат и дека чекаат заедно со уште педесетина Македонци со специјален хуманитарен чартер-лет организиран од Владата да се вратат во Скопје. 


Магдинчев: Одложување за идната година

Со оглед на тоа каква е состојбата во светот, сметам дека е најдобро да се одложат Игрите за идната година. Сметам дека здравјето на спортистите, тренерите и воопшто на сите луѓе во светот е најважно. Никој не може да гарантира дека пандемијата ќе се смири за еден месец, два или три. Ова е еден вид трка со времето и мислам дека е многу тешко да се прогнозира што и како ќе биде утре, а не во јули и во август, за кога е предвидено одржувањето на ЛОИ. Ниту еден врвен спортист со пауза од 30-40 дена и тренинг во домашни услови не може да се подготви за учество на ЛОИ и притоа да покаже врвни резултати. Доколку ИОК, сепак, одлучи да се одржат Олимписките игри, резултатите на спортистите нема да бидат одраз на нивните вистински квалитети, па со тоа се губи смислата за спортско надигрување и натпреварување, вели поранешниот селектор на македонската ракометна репрезентација Ристо Магдинчев. 


Поповски: Постојат неколку различни сценарија за ЛОИ

Минатата недела имавме едночасовна видеоконференција со претседателот на ИОК, Томас Бах во насока на договарање и спроведување акции на национално ниво за да се одговори на предизвиците од коронавирусот, во однос на подготовките и учеството на македонските спортисти на подготвителните кампови, квалификациските натпревари како и можното учество на Игрите во Токио. Бах во писмото до МОК, истакна дека во последните 48 часа е забележано големо подобрувањe во Јапонија во однос на коронавирусот, но, исто така, и оти има драматично ширење во различни региони на светот. ИОК секојдневно и будно ја следи целокупната ситуација и во текот на следните четири недели ќе изврши процена на неколку различни сценарија, кои се однесуваат на одржувањето на Игрите. Заклучокот на ИОК ќе се донесе врз основа на принципите утврдени минатата недела и одобрени од МОК и од другите национални олимписки комитети. МОК изразува благодарност до македонските спортисти и до националните спортски федерации за покажаната дисциплина и трпение во оваа ситуацијата, која се менува од ден на ден. Здравјето на спортистите и на сите други ни е главен приоритет, вели Сашо Поповски, генерален секретар на МОК.


Николовски: Неодржување на Игрите би било голем удар врз спортот

Атанас Николовски, олимпиец од ЛОИ 2008, моментно е во Тајван, каде што е главен тренер на кајакарите, олимписки кандидати на таа земја за настап во Токио.
– Неодржување на Игрите летово би било голем удар врз спортот воопшто. Такво нешто се нема случено, освен во периодите на големите војни, и мислам дека такво нешто не доаѓа предвид. Сметам дека доста веројатна опција би била одложување на ЛОИ за два-три месеца. Не се сомневам за тоа дека Јапонците ќе се справат со коронавирусот, но проблемите сега се во Европа, САД, спортистите не тренираат, одложени се многу квалификациски натпревари, тоа се работи што допрва треба да се средуваат. Поради тоа и мислам дека неколкумесечното одложување е најприфатлива варијанта – вели Николовски.


Павлов: Најважно е здравјето на луѓето

Според моментната ситуација во светот со ковид-19, сметам дека ЛОИ во Токио треба да се одложат за наредната година или да се најде некој соодветен термин, бидејќи во овој тежок период со кој се соочува целиот свет, сепак, најважно е здравјето на луѓето. Од друга страна, ако би се одржале Игрите, би било неисправно затоа што многу од спортистите нема да можат да бидат максимално подготвени, оти во сегашнава ситуација нема никакви услови за подготовки, вели каратистот Емил Павлов, кој има големи шанси да обезбеди норма за ЛОИ во Токио.