Светските агенции со посебно внимание ја пренесоа веста за потпишувањето на Договорот со кој Македонија и Грција го решија 27 годишниот спор за името.
Грција и Македонија потпишаа историски договор за ставање крај на спорот за името, пишува Франс прес.
– Грција и Македонија потпишаа историски прелиминарен договор за преименување на малата балканска нација Република Северна Македонија, завршувајќи го спорот што ги отру односите меѓу двата соседи од 1991 година … Договорот има за цел да почне да го одмотува еден од најдолгите – и дефинитивно најапсурден – дипломатски спор, кој почна пред 27 години кога Македонија прогласи независност – наведува АФП.
Грција и Македонија потпишаа договор за промена на името на поранешна југословенска република, пишува Ројтерс.
– Договорот, потпишан на Преспанското езеро во северна Грција, кое се граничи со Македонија и со Албанија, е надеж дека ќе ги реши речиси тридецениските разговори меѓу двете страни за името на младата балканска држава. Сè уште треба да биде одобрен од страна на двата парламента, а во Македонија и со референдум – се вели во текстот на Ројтерс.
Спор за името во Македонија: премиерите гледаат како министрите потпишуваат историски договор, е насловот на Би-Би-Си.
– Грција и Македонија потпишаа договор кој има за цел да се реши деценискиот спор околу името на Македонија. Според договорот, соседот на Грција ќе биде познат како Северна Македонија.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека тоа е „храбар, историски и неопходен чекор за нашите народи“. Договорот се уште треба да биде одобрен од парламентите и на референдум во Македонија.
Националистите од двете страни велат дека го уништува нивниот идентитет – наведува Би-Би-Си.
.
Асошиејтед прес
Грција и Македонија потпишаа договор со кој завршува долгогодишниот спор околу името
– Грција и Македонија потпишаа договор со кој, доколку биде ратификуван, ќе се реши деценискиот спор во врска со името на Македонија.
Според договорот, северниот сосед на Грција ќе биде преименуван во Северна Македонија – чекор за кој лидерите на двете земји рекоа дека ќе биде почеток на поблиски, пријателски односи и пример за сите балкански држави. Договорот, исто така, ќе и овозможи на Македонија да се обиде да влезе во НАТО и во Европската унија- пишува АП.
Грција и Македонија потпишаа историски договор за името, е насловот на ДПА.
– Грција и Македонија потпишаа историски договор за ставање крај на речиси тридеценискиот спор околу името Македонија, отворајќи го патот за поранешната југословенска република да влезе во НАТО и да почне да се движи кон членство во ЕУ.
Министрите за надворешни работи Никос Коѕиас од Грција и Никола Димитров од Македонија го потпишаа документот во Псарадес, на брегот на Преспанското Езеро, кое е поделено меѓу двете земји и Албанија.
– Ова е историски чекор. Нашите земји го оставаат минатото зад себе и гледаат кон иднината, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас.
– Каков прекрасен, славен и историски ден, рече неговиот македонски колега Зоран Заев пред потпишувањето – пренесува ДПА.