Русинот Јан Непомнијашчи (2.774 рејтинг-поени) и Кинезот Хао Ванг (2.762) освоија по цел поен во првото коло на Турнирот за кандидатите за предизвикувач на светски првак во шах Магнус Карлсен, кој до 3 април се игра во Екатеринбург (Русија), во 14 кола.
Холанѓанецот Аниш Гири (2.763) му создаде тешкотии во отворањето на Непомнијашчи, но кога неговиот ривал реагираше добро, Гири почна да игра лошо, мораше да ја даде и кралицата за топ и за ловец, па загуби во 73-от потег.
Американецот Фабиано Каруана (2.842) имаше мала предност против Французинот Максим Вашер-Лаграв (2.767), но, сепак, не го најде патот до победата. Русинот Александар Гришчук (2.777) имаше добра позиција против сонародникот Кирил Алексенко (2.698), но во заемен недостиг од време, потпишаа примирје. За многумина првиот фаворит, Кинезот Динг Лирен (2.805) вршеше постојан притисок против Ванг, но во завршницата направи две грешки и загуби, што претставува изненадување.
На претходните два вакви турнира (во Москва во 2016 година и во Берлин во 2018-та) имаше по еден шахист што не беше поразен. Во Москва тоа беше Гири, а во Берлин, Лирен, кои сега, со бели фигури, почнаа со порази.
ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ШАХОВСКАТА АРЕНА
Александар Гришчук побара обично столче за седење, велејќи дека специјално уредените фотелји се премногу удобни. Тој и Кирил Алексенко беа единствените ривали што се ракуваа пред партијата, а до првата временска контрола (40 потези) имаа по 10 минути за преостанатите 23 потези. Почетниот потег помеѓу Динг Лирен и Хао Ванг, куртоазно го одигра претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, а помеѓу Аниш Гири и Јан Непомнијашчи, 12-от светски првак, Русинот Анатолиј Карпов. Г.И.