Голем пад на продажбата на нови автомобили во Германија
Иако ситуацијата со коронавирусот во февруари сè уште не ескалирала во Германија, во оваа земја во првите два месеца од годинава веќе е забележан пад на продажбата на нови автомобили од 9,1 отсто.
Тоа што најголемиот автомобилски пазар во Европа почна да ги трпи ударите поради пандемијата е лош предзнак за целиот пазар на ЕУ, кога станува збор за 2020 година.
Бројката од 484.996 продадени возила и натаму изгледа импозантно, но тоа е за речиси 10 отсто послаб резултат во однос на периодот јануари-февруари во 2019 година.
Покрај тоа, треба да се земе предвид фактот дека последиците од пандемијата врз трговијата со автомобили во првите два месеца толку и не се почувствуваа, во споредба со месеците што претстојат.
Податоците што ги објави специјализираната интернет-страница „Фокустумув“ покажуваат дека во Германија, во јануари и во февруари, најмногу потфрлил „Опел“ (-22,4 отсто), а потоа „Форд“(-18,1 отсто). Не се прославиле ниту „Ауди“ (-10,1 отсто) ниту лидерот според бројот на продадени автомобили во Германија, „Фолксваген“ (-7,6 отсто).
Интересно е што еден производител и во таква ситуација успеа да направи повеќе од добар резултат, а станува збор за „Сеат“. Шпанците во Германија во првите два месеца продале за 25 отсто повеќе автомобили отколку во периодот јануари-февруари во 2019 година.
Трамп со план за спас на американската економија
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Американската централна банка ги удвоија напорите за да не дојде до колапс на економијата поради пандемијата на ковид-19.
Тие најавија голема финансиска помош за најпогодените фирми и домаќинства.
– Американскиот министер за финансии Стивен Мнучин работи на смела и голема програма за помош – рече Доналд Трамп на прес-конференција.
Мнучин не го откри износот на тој план за помош, додека американскиот печат споменува сума од околу 850 милијарди долари.
– Имаме намера на Американците веднаш да им испратиме чекови во следните две недели – рече Мнучин.
Иста мерка употреби и администрацијата на Џорџ Буш за време на кризата во 2008 година.
Тој ја нагласи важноста од давање пари за помош на домаќинствата и малите компании, кои се најтешко погодени од кризата и додаде дека ќе обезбедат заеми за авиопревозот и за хотелиерството.
Американските федерални резерви (ФЕД) најавија мерка со која би им помогнале на компаниите да обезбедат ликвидни средства неопходни за работење.