Фото: Игор Бансколиев

Само резултатите од лабораторијата на Клиниката за инфективни болести во Скопје се сметаат за релевантни, зашто се унифицирани и потврдени од лабораторија од Германија

Оние што допатувале од високо и средноризичните земји, имале контакт со заразен од коронавирусот или, пак, со некој што бил во контекст со заболен, а наедно имаат симптоми со сува кашлица и треска, болки на грлото, главата, телото и исцрпеност со помал интензитет може да се тестираат на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Примероци за тестирање може да бидат земени и од инфектолози во центрите за јавно здравје во другите градови, кои потоа се доставуваат во лабораторијата на Инфективната клиника во Скопје. Само резултатите од таа лабораторија се сметаат за релевантни, зашто се унифицирани и потврдени од лабораторија од Германија. Оние, пак, што се тестираат во приватните болници во Скопје, а резултатите им покажат дека се позитивни на коронавирус, мора да го повторат испитувањето на Клиниката за инфективни болести.

Инаку, изминатиот период имаше случаи во кои луѓе за кои постоело сомнение дека имаат симптоми на коронавирус што избегнуваа да бидат тестирани иако надлежните здравствени власти истакнуваат дека тестот е единствениот начин да се потврди или елиминира присуството на вирусот кај еден човек. Поради тие причини, во јавноста веќе има апели за масовно тестирање на населението, за што, според здравствените власти, засега нема основа.
Инаку, од МВР вчера соопштија дека имале случаи на прекршување и почитување на мерката изолација. Специјалните сили спречиле 14 обиди за напуштање на регионите на Дебар и Центар Жупа, во кои е прогласена кризна состојба, без лекарска дозвола.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев соопшти дека полицијата изминатиот период обезбедува 310 граѓани што се во изолација поради тоа што биле во контакт или во близина со луѓе болни од корона.

– Освен Дебар и Центар Жупа, кои се целосно под изолација, СВР-Скопје моментално обезбедува 173 лица под изолација, СВР-Битола 13, Тетово 16, каде што е констатирано едно прекршување на мерката изолација и за кое постапува ОЈО-Тетово. СВР-Охрид чува 82, Струмица 12 под мерка здравствен надзор. Едно лице од Струмица излегло од изолација своеволно, крим-полицијата го собрала и ќе му поднесе пријава. Во Куманово полицијата чува шест, во Штип осум лица под изолација – истакна Чулев.
МВР силно апелира до граѓаните да се воздржат од патување надвор од државата, а и да го ограничат собирањето во групи во текот на работниот ден.
Аеродромот во Скопје од денеска се затвора за сите, освен за државни и медицински цели, како и за карго-пратки. Граничните премини ќе бидат затворени, освен за товарни возила, дипломатски возила и други со специјална дозвола од Министерството за внатрешни работи (МВР). Изминатиот викенд беше затворен и Охридскиот аеродром.

Од Министерството за надворешни работи апелираа до граѓаните да не патуваат, зашто во секој момент се затвораат граници низ Европа, а нашата држава нема контрола на граничните премини на трети земји.
Освен тоа, испратен е и апел до македонските државјани што имаат регулиран престој во земјите каде што се да не се враќаат дома. Приоритет се оние што немаат регулиран статус и се затекнати во странска земја, на граница или на аеродром. 


Филипче: Бројот на заболени може да достигне и до 2.000 лица, пикот за еден месец

Тројца нови пациенти од Скопје се заболени од коронавирус, со што вкупниот број на заразени во земјава е 26 лица. Ова вчера го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека засега состојбата на пациентите што се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје, како и тие што се во Дебар, е стабилна.
Филипче порача дека епидемијата е во силен ек, односно дека секоја епидемија има свој тек, почеток, врв на кривата и намалување на случаите.

– Очекуваме да се зголемува бројот на заболени. Треба да се спречи локалната трансмисија. Заразата се шири кога здравствениот систем е оптоварен. Сега капацитетот на Инфективната клиника е целосно подготвен. Оние што ќе допатуваат од странство ќе бидат сместени во карантин во касарната во Пепелиште, во Криволак. Тоа се околу 200 лица. Се очекува бројот на заболени да достигне до 2.000, а екот да биде за еден месец отсега – посочи Филипче.