Го читав економскиот план на државата и во делот за документи пишува дека доколку ви истекува личната карта, таа се продолжува до 31.8.2020 година. Се прашувам себеси што значи тој датум, дали е само случајно напишан или некој веќе предвидува дека за да се излезе од сето ова и да се вратиме во нормала навистина ќе ни бидат потребни месеци
Македонка во еден од најпогодените региони од коронавирусот во Италија
Оливера Јовановска е Македонка што со семејството повеќе од десет години живее во Италија, во гратчето Мира, кое се наоѓа на 20 километри до градот Венеција, дел од регионот Венето, кој во моментов е еден од најкризните региони што ги преживуваат последиците од наглото ширење на коронавирусот.
Токму во периодот кога Италија е најпогодена земја во Европа по бројот на заболени и на починати од оваа болест, објаснува како се живее во состојба на криза и колку е важно да се почитуваат препораките и да се ограничи движењето на луѓето.
– За Италија клучно беше тоа што населението несериозно ја сфати ситуацијата, од причина што немаше доволно информации. Сите ние слободно шетавме, кога вирусот веќе беше во регионот Ломбардија. Протокот на луѓе, туризмот, економијата, сѐ функционираше нормално, а вирусот веќе на големо беше меѓу нас. Кога дојде во Венето, во гратчето Во, во близината на Падова, па во Мира, тогаш регионалната власт почна да сфаќа колку брзо се шири овој вирус. Беа свесни дека болниците го немаат потребниот капацитет во случај да треба да им помогнат на поголем број луѓе. Тоа е хаосот што го живееме денес – вели Јовановска.
Дали има намалување или зголемување на паниката од ширење на вирусот во Италија, во регионот каде што живеете?
– Од пријателите со кои сум во постојан контакт, можам да кажам дека сите имаме разбирање за ситуацијата. Знаеме дека карантинот е единствено решение. Сѐ повеќе сме свесни дека со седењето дома си помагаме самите на себе и на целото општество, особено зашто тука сѐ уште се зголемува бројот на заразени лица. Се очекува бројот на заразени лица да почне да се намалува за три-четири дена. Болниците се на работ на експлозија, ги исполнуваат последните капацитети. Вистинската потреба за болнички кревет и апарат со кислород за дишење за тие што имаат потреба влијае на свеста на граѓаните да останат дома. Тоа создава дополнителна неизвесност за тоа кога ќе заврши сето ова, а тоа никој не може да ни го каже.
Дали тамошното население се придржува до мерките?
– И да и не. Италијанците се многу слични со Македонците, вклучувајќи ја и дисциплината. Веќе втора недела сме под сериозен карантин. Силите за безбедност го проверуваат секој што ќе се најде надвор од дома. Немаме друг избор. Сега веќе мораме да седиме дома и да го оставиме вирусот сам да се најде на улица, да умре, да исчезне или да се трансформира. На сите во Македонија им препорачувам: бидете попаметни од Италија, бидете чекор понапред, оти е за ваше добро, за ваше здравје. Седете си дома!
Како всушност функционираат сега луѓето таму? Како поминува еден ваш ден? Се нудат ли алтернативи за полесно поминување на карантинот?
– Во секој дом има еден куп работи што не сме имале време да ги завршиме. Сега е моментот без брзање, смирено, кој колку може, секој ден да им се посветуваме токму ним. За наше здравје и за здравје на децата, мора да бидеме смирени, да не се нервираме и да мислиме дека вирусот кога тогаш ќе заврши и ние ќе бидеме подготвени да ги гушнеме нашите драги пријатели, роднини, баби, дедовци и дека ќе дојдеме во Македонија. Децата имаат домашни задачи што ги добиваме преку мејл. Учителките се достапни преку телефон да разговараат со децата кога има потреба за тоа. Попладне излегуваме и возиме велосипеди, околу еден час, што е дозволено. Им читам книги и на македонски јазик. Играме колективни игри. Подготвуваме рачно изработени предмети што ќе ги продаваме откако ќе заврши вирусот. Идејата ни е да направиме што е можно повеќе пиратски бродови, чантички, пеперутки. Ќе организираме детски пазар преку кој ќе можеме да им помогнеме на тие што ќе имаат најголема економска потреба. Има и образовни емисии на телевизија. Моите деца не користат дигитална технологија, па еднаш во неделата гледаат цртан филм.
Какви се процените на тамошните експерти, до кога ќе трае оваа состојба?
– Нема предвидувања. Го читав економскиот план на државата и во делот за документи пишува дека доколку ви истекува личната карта, таа се продолжува до 31.8.2020 година. Се прашувам себеси што значи тој датум, дали е само случајно напишан или некој веќе предвидува дека за да се излезе од сето ова и да се вратиме во нормала навистина ќе ни бидат потребни месеци. Искрено верувам дека децата нема да се вратат во училиште до јуни и дека повторно ќе почнат да учат од септември, секако ако сѐ биде како што треба.