Тирана – Албанскиот Национален центар за управување со границите донесе одлука да забрани влез на автомобили што доаѓаат од територијата на Косово. Влез преку Косово на територијата на Република Албанија ќе им биде дозволен единствено на возилата за прва помош, владините возила и транспортот на прехранбени продукти. (Алсат-М)

Љубљана – Словенија ја затвори границата од Италија за влез во Словенија и за товарни возила, освен за оние чија крајна дестинација е Словенија. Сите странски товарни возила што се во Словенија треба во најкраток рок да ја напуштат земјата. (Н1)

Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ и германската канцеларка Ангела Меркел се согласија в понеделник да одржат „видеосостанок“. Вучиќ и Меркел требаше в понеделник да се состанат во Берлин, но заеднички се договорија да разговараат преку конференциска врска поради општата состојба со коронавирусот. Главна тема ќе биде решавање на косовското прашање. (РТС)


Бисер балкански

Верувајте или не!

– Конференцијата за медиуми на Вучиќ може да се анализира од неколку аспекти. Добро е да има обраќање од претседателот или од највисоките државници, за некако да ја смират состојбата и да се биде потранспарентен. Но проблемот во нашиот случај и од претходните искуства, од празните афери на оваа власт, од случаите на поплавите, неподнесувањето одговорност, е што се доведовме во состојба да не сме сигурни дали да им веруваме на претставниците од власта кога нешто зборуваат. До тоа да не сме сигурни дали се способни за нешто и дали ни ја кажуваат вистината или не. Интересно е тоа што за две недели дојдовме од приказната за „најсмешниот вирус на светот“ до загрижен претседател, кој настапи во својот манир да драматизира. Секогаш ќе биде најлошо, но ако се направи добро, тоа ќе се претстави како голема победа – вели политикологот Вук Велебит, за обраќањето на претседателот Александар Вучиќ, за состојбата со коронавирусот во Србија.