Пред официјалната промоција на евровизиската песна „YOU“, со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на „Евровизија“ во Ротердам, Холандија, на Дневник 2 на МТВ 1, денеска во 14 часот песната беше промовирана пред претставниците на медиумите во кафе-барот „Черчил“, каде неодамна е реализиран и интересниот видео запис за неа.
Првичните реакции беа одлични, бидејќи мелодијата звучи навистина светски, а рефренот веднаш се лепи за увото. Етно жичката во мелодијата е многу суптилна, но доволно впечатлива, а во спотот видовме дека освен што убаво пее, Васил е извонреден танцувач.
– „За тебе“ или „YOU“ ја доживувам како покана за танцување, покана да се конектираме, да го славиме живoтот и сегашниот миг. Без разлика што и да ни се случува во моментот – продолжете да играте во ритамот на животот. Сведоци сме дека не живееме во идеално време, но постојат магични моменти кои поминуваат без да ги забележиме и залудно ги трошиме. Длабоко верувам дека сѐ започнува од нас и дека ние сме првиот чекор, кој за другите може да значи инспирација и почеток на нова приказна – изјави Гарванлиев на промоцијата.
Тој дополни со радост се подготвува за настапот во Холандија, а во тоа несомнено му помага и минатогодишното евровизиско искуство, како придружен вокал на нашата претставничка Тамара Тодевска.
Според зборовите на Александра Јовановска, ПР на евровизискиот тим на МРТ, Васил уште по првото слушање ја издвоил „YOU“, како впрочем и останатите членови на комисијата која го правела изборот. Бидејќи пристигнале над 100 песни, најверојатно тој ќе реализира и албум со некои од понудените мелодии.
Инаку тој веќе ја сними и евровизиската разгледница во Ротердам, за која вели дека ќе биде вистинско изненадување за гледачите, а наскоро го очекуваат уште многу активности поврзани со учеството на годинашниот „Евросонг“.
– Им се заблагодарувам на сите што се дел до тимот и според се досега сигурен сум дека она што ќе го понудиме ќе биде полн погодок – рече Васил.
Тој на припадничките на понежниот пол им го честиташе празникот 8 Март, подарувајќи им по еден цвет и рече дека токму жените го сочинуваат поголемиот дел од екипата со која соработува, но се важен сегмент и од неговиот живот.
Гарванлиев дополни дека на евровизиската сцената ќе го придужуваат и пет женски придружни вокали. Пред да го погледнат спотот за „YOU“ на новинарите им беше прикажан краток видео запис за авторките. Музиката за евровизиската тема ја напиша Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Невена е автор и на текстот на песната, којшто го создаде заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и колешката од универзитетот Беркли, Алис Шредер.
За продукцијата и аранжманот на песната освен Невена Нешкоска се погрижија и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, кои зад себе веќе имаат неколку учества на овој престижен фестивал. Видео записот го режираше Милена Витман, а фотографијата и монтажата се дело на Ѓорѓи Вацев. Продуцент на спотот е Јелмаз Дервиши.
Васил ќе настапи во првата полуфинална вечер на 12-ти мај, а непосредно пред да отпатува за Холандија, тој најави уште една средба со новинарите.
М.Т.