Најновиот договор Русија-Турција за Идлиб ќе даде опипливи резултати, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по неговото враќање од Русија.
– Прекинот на огнот оствари значителни придобивки во неколку области. Ги штити нашите граници од терористи и режими. Примирјето претставува основа за стабилизација и нормализација на Идлиб. Исто така, го штити нашиот воен персонал таму, како и цивилите – рече Ердоган, пренесува ТАСС.
Претседателите на Русија и Турција се состанаа во Москва во четвртокот, за да се договорат прекинот на огнот и голем број други мерки за решавање на ситуацијата во сириската провинција Идлиб.
Русија и Турција ќе започнат со заедничко патролирање на 15 март. Москва и Анкара ја потврдија својата заложба за зачувување на суверенитетот на Сирија и се согласија да продолжат со одлучна борба против тероризмот.