Русија и Турција се договорија да соработуваат во Сирија. Досега повеќепати беше прогласуван прекин на огнот, кој не се почитуваше
Прекинот на огнот договорен од Русија и од Турција стапи во сила во петокот, во северозападната сириска провинција Идлиб. Договорот беше потпишан еден ден претходно во Москва од рускиот претседател Владимир Путин и од неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Сириската опсерваторија за човекови права, во петокот соопшти дека ситуацијата во регионот е релативно мирна.
Новиот прекин на огнот следува по неколкунеделните жестоки борби меѓу бунтовниците, поддржани од турските сили, и сириските сили, поддржани од Русија. Околу 60 турски војници беа убиени при офанзивата на сириската влада на Идлиб, последната област под контрола на сириските бунтовници. Борбите предизвикаа и хуманитарна криза во покраината, како и страв од можен директен воен конфликт меѓу Русија и Турција, која е членка на НАТО.
Договорот за прекин на огнот беше објавен по шестчасовни разговори помеѓу Путин и Ердоган. Двете страни соопштија дека договорот вклучува: прекин на огнот од петок во 00.01 часот по локално време на целата линија на контакт, безбедносен коридор на шест километри северно и на шест километри јужно од клучниот автопат во Идлиб, кој ги поврзува Алепо и Латакија, како и заеднички руско-турски патроли на автопатот од 15 март, јави Би-би-си.
Ердоган на разговорите не успеа да издејствува повлекување на сириската армија од областите што неодамна ги врати под своја контрола. Во договорот исто така не се споменува безбедна зона во која би можеле да се засолнат раселените Сиријци. ОН проценуваат дека по почетокот на офанзивата се раселени речиси еден милион луѓе.
Досега во повеќе наврати беше прогласуван прекин на огнот во Идлиб. Во септември 2018 година, Путин и Ердоган се согласија да формираат „зона за деескалација“, но прекинот на огнот не успеа, пропадна. Путин во четвртокот изјави оти новиот прекин на огнот ќе биде добра основа за завршување на борбите, додека Ердоган предупреди дека Турција го задржува правото да се одмазди за какви било нови напади од Дамаск.