Две илјади хрватски граѓани, во согласност со препораките на локалните епидемиолози, се наоѓаат во домашна изолација, поради сомневање од можно заболување од коронавирусот. Но само 128 од лицата што се наоѓаат во двонеделен карантин отвориле боледување. Причината за малиот број лица што користат боледување е поради нискиот надомест што се исплатува од државниот здравствен фонд, кој изнесува околу 2.100 куни.
– Некои од вработените сигурно се договориле со работодавците да работат од дома за да можат да примаат целосна плата, но некои, поради природата на работата, немаат таква можност и неопходно е нивно физичко присуство на работното место. Сигурно е дека многу од луѓето во карантин се во „сивата зона“ – вели Луциан Вукелиќ, раководител на Хрватскиот завод за здравствено осигурување.
Најверојатно некои од вработените се договориле со лекарите и со работодавците боледувањето да се отвори на некоја друга дијагноза, поради материјални мотиви. Моментално во Хрватска има десет заболени лица од коронавирусот и доколку имаат отворено боледување, за периодот од првите 42 дена им следува надомест од работодавецот во висина од 70 отсто од платата или до 100 отсто, во зависност од колективните договори.
Вториот проблем е под која шифра ќе се заведе боледувањето. За коронавирусот боледувањето се отвора под шифрата „У07.1“, но лицата што се здрави, а од превентивни причини се наоѓаат во домашна изолација, се заведуваат под шифрата „З29.0“ или „З20.9“ за лица што се изложени или се во контакт со болните. Во согласност со Законот за здравствено осигурување, на лицето што е идентификувано како носител на вирусот или било во контакт со заразено лице му се исплатува надомест за боледување на сметка на фондот, и тоа во максимален износ до 4.258 куни за еден месец, односно 2.100 куни за 14 дена, колку што трае периодот на изолација.
Користењето на шифрите за самоизолација е финансиски понеисплатливо за работниците што заработуваат повеќе од 4.258 куни месечно. Но тоа е поволно за работодавците што не се обврзани да го плаќаат боледувањето, кое од првиот ден се исплатува од ХФЗО. Поради тоа, постојат сомневања дека вработените и лекарите се договараат да се отвори боледување за некоја друга дијагноза, за да можат да добијат надомест за боледување што е најблизок до износот на целата плата, пишува „Јутарњи лист“.