Целта пред профитот. Тоа е клучот. Нашата примарна цел е да го заштитиме, промовираме и развиваме фудбалот низ цела Европа. Би отишол дотаму што ќе кажам дека моќта е безвредна, освен ако не се вклучи во идејата „целта над профитот“. Фудбалот не е само бизнис како и секој друг. Тој има историја, традиција и структура, кои мора да се почитуваат, вели претседателот на УЕФА
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, го оцени европскиот фудбал како „најголемата успешна приказна на денешниот спорт“, но го предупреди поширокото европско фудбалско семејство да ја постави „целта пред профитот“, објави УЕФА на својата интернет-страница. Обраќајќи се на 44. Конгрес на УЕФА во Амстердам, Чеферин вети дека УЕФА ќе продолжи да го поттикнува постојаниот напредок на европскиот фудбал преку правилно и ефикасно користење на сите свои ресурси и предупреди дека европската фудбалска заедница мора да дејствува за да спречи прекумерна комерцијализација на играта.
– Треба ли да се мери нашиот успех само во однос на нашите комерцијални достигнувања или според тоа дека може да донесува смели одлуки што не секогаш се водени од финансиски интереси? Целта пред профитот. Тоа е клучот – вели Чеферин.
На годишниот собир Чеферин ги истакна достигнувањата, како приход од над 15 милијарди евра во периодот од 2016 до 2020 година, 38 отсто зголемување на приходите за сезоната 2018/2019, двојно зголемен буџет на Детската фондација, 87 проценти од приходите на УЕФА се прераспределени во целиот европски фудбал, финалето на Лигата на шампионите е најгледан годишен клупски фудбалски настан во светот, надвор од Европа имало вкупно 13 милијарди гледачи за сите мечеви организирани од УЕФА во текот на тригодишен циклус, како и повеќе од 18 милијарди интеракции на социјалните мрежи во минатата сезона.
– Дали треба да се срамиме од нашите успеси? Сѐ зависи од тоа што правиме со тој успех. Нашата примарна цел е да го заштитиме, промовираме и развиваме фудбалот низ цела Европа. Би отишол дотаму што ќе кажам дека моќта е безвредна, освен ако не се вклучи во идејата „цел над профит“. Фудбалот не е само бизнис како и секој друг. Тој има историја, традиција и структура, кои мора да се почитуваат. Нашите принципи, историја, традиција и структура се причина за нашиот сегашен успех. Тие му овозможија на фудбалот да доминира над другите спортови и му овозможи на европскиот фудбал да доминира во остатокот од светот. Да се доведат во прашање ќе биде смртна казна за нашиот спорт – вели Чеферин, пренесе УЕФА.
Првиот човек на УЕФА вели дека „постојат одредени принципи што се неповредливи“.
– Правото на конфедерациите да организираат континентални натпревари е неотуѓиво право. За принципите на солидарност, промоција, испаѓање и на отворени лиги, исто така, не се преговара. Можеме да бидеме горди ако нашиот успех ни овозможи да спречиме прекумерна комерцијализација на нашиот спорт, ни овозможи да го развиваме фудбалот низ целиот континент, да промовираме социјална кохезија и да им покажеме на идните генерации дека фудбалот мора да биде синоним за отвореност, толеранција и за разновидност. Ние сме чувари на наследство. Ние сме чувари за да ги штитиме играта, нејзините играчи и нејзината историја. Ако успееме, тоа ќе биде најголемото достигнување – вели Чеферин.