Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се сретна со делегација од амбасадата на Унгарија во земјава, предводена од амбасадорот Ласло Дукс.
На средбата се разговараше на повеќе актуелни теми, како процесот на интеграција на земјава во ЕУ, членството во НАТО, напредокот на земјава изминатите 2,5 години, спроведувањето на реформите, актуелната политичка ситуација во земјата, односно претстојните парламентарни избори во април.
Заев од своја страна го посочи позитивниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, кој беше објавен денеска, како особено важен, бидејќи во него се констатира значителен напредок во спроведените реформи, со препорака до Советот да се отворат преговори со Македонија.
– Овој извештај е уште една потврда за нашата посветеност на реформите кои се важни за државата и за иднината на нашата земја во Европската Унија, затоа што како држава сторивме сè за да ги исполниме потребните реформи и тоа го остваривме. Сега на ред е Советот на Европската Унија и Европскиот совет, кои треба да го има предвид овој извештај и методологијата што беше донесена и да ги отвори преговорите за членство со нашата земја – истакна Заев.
Во однос на претстојните парламентарни избори тој рече дека многу е важно тие да бидат регуларни, фер и демократски, затоа што тоа би било уште една потврда дека сме демократски зрела држава и нашето место е во Европската Унија.
Како друга актуелна тема се постави и мигрантската криза, особено по отворањето на границите од страна на Турција и очекувањата на зголемен прилив на мигранти и кон нашата земја и справување со целата таа ситуација, на што од страна на претседателот Заев беше посочено дека нашата држава е подготвена за ситуацијата и е во постојана координација и со Грција и Бугарија, но и отворена за соработка со земјите членки на ЕУ, иако сè уште не е членка, сепак стои отворена за насоки и стратегии во поглед на справување со истата.
Унгарскиот амбасадор Ласло Дукс истакна дека нашата земја има огромна поддршка од Унгарија во поглед на нејзината евроинтеграција, тоа веќе го потврди и на самитиот во октомври минатата година, така ќе биде и овој пат во март и искрено се надева дека земјата ќе го добие конечно датумот за почеток на преговори.
Двете страни се согласија дека двете земји отсекогаш имале добри и пријателски односи и тоа ќе продолжи и во иднина и во насока на економска соработка и можни инвестиции на Унгарија во Македонија.