Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го предаде и вториот аудио-материјал кој го поседува за поранешниот премиер Зоран Заев, а кој го пушти на неодамнешна прес-конференција.
– Она што го поседувавав како материјал, аудио и транскрипти во кои се слуша гласот на Зоран Заев, го предадов во Обвинителството и уредно беше направен записник. Затоа предлагам дека најдобро би било да го повикаат Зоран Заев во Oбвинителство да каже кој бил со него во владата и тие лица што биле со него да бидат повикани како сведоци. Овој пат ќе кажам дека има разлика, бидејќи и самиот Заев кажа дека неговиот глас e на снимките – изјави Милошовски.
Тој предлага и да се земат снимки од камерата на владата при што со сигурност може да се утврди кој во месец мај 2019 бил на разговор во владата и со која намера.
– Се работи за материјал на анонимен укажувач и јас не можам да влијаам на него. Она што го имаше како материјал ми го достави и јас го проследив до Обвинителството. Уште еднаш ќе повторам дека овие транскрипти содржат индиции за мешање на извршната во законодавната власт. Затоа е најдобро да започне предистражна постапка, која ќе ги расветли овие сомнежи – изјави Милошоски.
Тој смета дека е најдобро Заев да каже кој бил со него, а исто така и останатите лица да се повикаат за да бидат сведоци. Милошоски изјави дека ги објавил аудио-материјалите во најбрз можен рок, како и дека не поседува дртуги снимки. Направен е записник со Русковска, а по анализите ќе биде одлучено како ќе се постапува со материјалот.
Милошоски ја пушти првата „бомба“ за време на расправата во собраниската Комисија за европски прашања, на која тогаш се разгледуваше предлог-законот за јавно обвинителство. На снимката, наводно, разговараат Заев и друго лице за финансирање на телевизијата на Бојан Јовановски, првоосомничениот во случајот „Рекет“.