Фасцинантен ефект: Ерлинг Браут Холанд

Тој ги постигна двата гола во победата на Борусија над ПСЖ со 2-1 и беше прогласен за најдобар играч на првиот осминафинален дуел во ЛШ, но, меѓу другото, рече „морам да играм подобро“. Холанд е првиот фудбалер во историјата на Борусија што постигнал гол на првите мечеви во Бундес-лигата, во Купот на Германија и во ЛШ

Постигнати вкупно 39 гола на 29 меча, шест хет-трика, 10 гола на седумте натпревари во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), израмнувајќи се со Роберт Левандовски од Баерн и 11 гола на седум средби во дресот на Борусија Дортмунд. Тоа е фасцинантниот ефект сезонава на Норвежанецот Ерлинг Браут Холанд (19). Тој ги постигна двата гола и беше прогласен за најдобар играч во победата на Борусија во првиот осминафинален дуел со ПСЖ, со 2-1, но по мечот, меѓу другото, рече „морам да играм подобро“.
– Драго ми е што го добив признанието за играч на натпреварот, но се чувствувам како да можам да играм многу подобро. Ќе треба да работам многу напорно за да се подобрам. Резултатот е тесен, ПСЖ има силен тим и уште може да помине во следната фаза – рече Холанд.

Холанд постигна повеќе голови од целиот тим на Барселона сезонава во ЛШ (Лионел Меси и колегите постигнаа девет) и е првиот играч во историјата на Борусија, кој постигнал гол на првите натпревари во Бундес-лигата, во Купот на Германија и во ЛШ.

Од доаѓањето во Борусија во јануари, тој постигна 11 гола за само 450 минути игра (секоја 41 минута). Само 11 играчи постигнале повеќе голови од него сезонава во Бундес-лигата, но тој одигра само пет меча. Холанд ја доби и наградата за најдобар фудбалер во Бундес-лигата за јануари, иако на теренот помина помалку од еден час.

На дуелот со ПСЖ блескаа уште двајца тинејџери, Англичанецот Џејдон Санчо (19) и Американецот Џовани Реина (17), кој е најмладиот што асистирал за постигнување гол во ЛШ, од ноември 2007 година. 


Убедливо најбрзо до 10 гола во ЛШ

Ерлинг Браут Холанд постигна двоцифрен број голови во фудбалската Лига на шампионите (10), четири натпревари побрзо од кој било друг играч во историјата на ова натпреварување. Тој е и единствениот тинејџер со двоцифрена бројка голови во една сезона. Такво нешто не им успеало на Лионел Меси, Кристијано Роналдо, ниту, пак, на Килијан Мбапе, на пример. Л.Д.


Атлетико го запре шампионот Ливерпул

Атлетико постигна гол во 4-та минута против актуелниот европски фудбалски првак, Ливерпул (1-0), и таа предност успеа да ја зачува до крајот на првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите. За „црвените“ ова беше само трет пораз сезонава во сите конкуренции, два во ЛШ, од Атлетико, 0-1, и од Наполи, 0-2, и еден во Лига-купот од Астон Вила, 0-5. Ливерпул не упати ниту еден директен удар на голот на Јан Облак, само вторпат на 251 меч под водство на Јирген Клоп (првиот пат против Наполи во октомври 2018-та, исто во ЛШ).
– Не сум разочаран од тоа како игравме. Сум гледал многу полоши мечеви. Едноставно, не бевме доволно добри во последната третина од теренот. Но тоа е само 0-1, не сме елиминирани. Сѐ додека имаме 11 играчи во дресови на Ливерпул, сѐ може да се случи. За сите навивачи на Атлетико што ќе ни дојдат на гости „добре дојдовте на Енфилд“ – изјави Клоп.