Судијата на теренот треба да го има последниот збор, а ВАР треба да се користи само за јасни и очигледни грешки, а не за контроверзни ситуации. На фудбалот му се потребни добри судии, лица со силна личност на теренот, вели Роберто Росети, шефот на Судискиот комитет на УЕФА, пред продолжението на европската клупска сезона
Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека просечното време што му е потребно на системот видеопомошник-судија (ВАР) за да ги провери одлуките на судиите на мечевите во Лигата на шампиони (ЛШ) сезонава се намалило за 15 секунди во споредба со лани. Шефот на Судискиот комитет на УЕФА, Роберто Росети, изјави дека е многу задоволен од начинот на кој е користена оваа технологија во натпреварите, истакнувајќи дека тоа се однесува само за „јасните и очигледни“ грешки.
– Чувствуваме дека е важно времето потребно за да се поништи одлуката. Сезонава просечното време за корекција на одлука изнесува една минута и 30 секунди, што е за 15 секунди пократко од минатата сезона – вели Росети.
УЕФА соопшти дека на досегашните 108 меча, во плејофот и во групната фаза биле коригирани 27 одлуки од ВАР, во просек по една на четири дуела.
Употребата на ВАР во некои национални лиги, особено во англиската Премиер-лига, беше критикувана, бидејќи видеосудиите имаат поголема моќ од оние на теренот. Многу критичари сметаат дека со тоа се надминати првичните овластувања и се поништувани голови и за најситни грешки, како што е на пример офсајд на играчот со пазувата.
– Би истакнал уште еднаш дека ВАР треба да се користи само за јасни и очигледни грешки, а не за контроверзни ситуации. На фудбалот му се потребни добри судии, лица со силна личност на теренот, кои донесуваат правилни и храбри одлуки – истакнува Росети, истакнувајќи дека судијата на теренот треба да го има последниот збор.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, беше меѓу критичарите за начинот на кој се користи ВАР во некои лиги, велејќи дека тоа го менува карактерот на спортот. УЕФА потврди дека ВАР ќе се користи во нокаут-фазите на Лига Европа (ЛЕ) првпат сезонава, како и за натпреварите во март од плејофот од Лигата на нациите за пласман на Европското првенство годинава, како и на финалниот турнир летово.