Поскапeа бензините во земјава
Регулаторната комисија за енергетика одлучи малопродажните цени на нафтените деривати во земјава да се зголемат во прoсек за 0,84 отсто. Од денеска, малопродажните цени на еуросупер БС-95, еуросупер БС-98, еуродизел и екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за 0,50 денари за литар.
Клучните фактори што влијаат на крајната цена, во согласност со методологијата за формирање на цените, се курсот на денарот во однос на доларот и референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.
– Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат зголемување и тоа кај бензинот во просек за околу 0,35 отсто, кај дизелот зголемувањето е околу 1,19 процент, кај екстра лесното масло има зголемување за 0,64 отсто, додека кај мазутот има намалување во просек за 0,24 проценти, но земајќи го предвид растот на курсот на денарот во однос на доларот од 1 отсто е извршено соодветно приспособување – стои во соопштението на РКЕ.
Над 160 милиони луѓе во Кина нема да се вратат на работа поради коронавирусот
Во Кина продолжува борбата со епидемијата на вирусот корона, поради што околу 160 милиони луѓе нема да се вратат на работа по продолжените празници за кинеската нова година. Ќе работат само аптеките, прехранбените продавници и хотелите.
Приоритет во најзагрозената покраина Хубеи е да се обезбедат доволно резерви на медицински материјали и персонал, за да биде поуспешна борбата против вирусот. Во Вухан се отворени повеќе привремени болници каде што има пациенти со поблаги симптоми на болеста.
Раководителите во преработувачката индустрија со пооптимистички очекувања
Според оцената на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јануари 2020 година е зголемен за 0,4 процентни поени во однос на декември 2019 година, а во однос на јануари претходната година е зголемен за 2,5 процентни поени.
Очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а резервите на готовите производи се непроменети. Исто така и оцената за економската состојба на деловните субјекти во јануари 2020 година е поповолна во однос на претходниот месец и во однос на јануари 2019 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.