На светските пазари на валути, вредноста на доларот зајакна во текот на минатата недела, и тоа претежно во однос на еврото, благодарение на знаците на забрзување на растот на американската и на стагнацијата на европската економија.
Индексот на американскиот долар покажува дека вредноста на оваа валута во однос на другите шест најголеми светски валути се зголемила во текот на минатата недела за 0,45 проценти на 99,14 поени, што е највисоко ниво за четири месеци.
Притоа, еврото во однос на доларот паднало за 1,1 процент на 1,0830 американски долари, што е најниско ниво за две и пол години.
Притисокот врз еврото е, како што пренесува Танјуг, како последица на лошите макроекономски индикатори од еврозоната.
Според извештајот на Евростат, во последниот квартал од минатата година, економијата на еврозоната се зголеми за само 0,1 отсто на квартална основа, додека порасна за 0,3 проценти во претходните три месеци.
Во исто време, германската економија, локомотивата на еврозоната, стагнираше во последните три месеци од минатата година, што повторно ги разгоре стравовите од рецесија.