Да не беше епидемијата на коронавирус, Ксу Мингкси, неделава ќе беше на час на престижниот универзитет „Њујорк“. Наместо тоа, 22-годишникот изминатите три недели ги поминал во станот на неговото семејство во кинески Вухан, кој моментно е затворен град со цел за спречување на ширењето на вирусот, пренесува Си-ен-ен.

Но, дури и да можеше да излезе од дома, на Ксу немаше да му биде дозволен влез во САД каде што студира во изминативе четири и пол години. Над 1.000 километри одддалечна од Пекинг, Алекс, која побара да не се користи нејзиното вистинско име поради страв од реакциите на околината, е во слична ситуација. Изминатите две недели, таа ги поминала дома со нејзината мајка и дедо.

Таа е загрижена дека нема да успее да лета за Сиднеј, Австралија, месецов, со што можеби ќе треба да ја одложи дипломската работа за правни работи за цел семестар.
Како што се шири коронавирусот, повеќе од 60 држави воведоа ограничувања за патувања на кинеските граѓани, со надеж дека ќе ја ограничат нивната изложеност на вирусот од кој починаа над 1.600 луѓе, скоро сите од континентална Кина, а се заразија над 68.000 лица ширум светот.

Австралија и САД воспоставија привремени забрани за странски државјани кои ја посетиле Кина во 14 дена пред нивното пристигнување.

Тоа ги исклучува Ксу и Алекс од нивните студии, но не се само тие. Во 2017 година околу 900.000 кинески студенти посетувале високо образование во странство. Околу половина од нив заминале во САД или во Австралија, придонесувајќи со милијарди долари на нивните економии, пари што тие земји сега ќе ги загубат.

Не е јасно колку од 360-те илјади кинески студенти кои студираат во САД биле надвор од земјата кога американската забрана за патување стапи на сила на 31 јануари. Но, кога Австралија ги наметна своите ограничувања на почетокот на февруари, властите процениле дека 56 отсто од кинеските студенти, односно околу 106 илјади студенти сè уште биле во странство. Почетокот на семестарот требаше да започне кон крајот на февруари или почетокот на март.

– За Австралија вирусот не можеше да дојде во полошо време. Точно во периодот кога луѓето доаѓаат од Кина во Австралија – рече Ендрју Нортон, професор задолжен за политика на високото образование во Австралискиот национален универзитет.

Избувнувањето на вирусот се совпадна со Лунарната нова година – најважниот празник во кинескиот календар, кога голем број студенти одат дома за да го видат своето семејство.