Како дел од вековната традиција на одгледување на виновата лоза во Кавадарци, со години празникот Св. Трифун, грозјето и виното се неисцрпна инспирација за поетите од сите генерации, а последните години и за младите поети од основните и средните училишта.
Почнувајќи од минатата година, под закрила на манифестацијата „Пехарот на св. Трифун“, домот на културата „Иван Мазов-Климе“ и библиотеката „Феткин“ во Кавадарци распишуваат награден конкурс за најдобра необјавена поетска творба посветена на празниците Св. Трифун и Св. Валентин.
Годинава темата на конкурсот беше „Еден ден а две слави“, за кој пристигнаа голем број творби во двете категории. „Колибри“ и годинава беше присутен на завршниот настан на доделувањето на наградите, за да ги бодри младите поети. Жирито во категоријата од 13 до 19 години одлучи првата награда да ѝ ја додели на Марија Вчкова, втората на Љупчо Лалков, а третата на Надица Коцева.
Наградата „Пехарот на св. Трифун“ ја освои поетесата за деца Тодорка Андова, со песната „Св. Трифун“.
Свети Трифун
Знаеш ли ти дедо мој
дека денес е денот твој
денес е Св. Трифун
на лозјето треба да се оди
патот таму тебе ќе те води
За лозите да ги видиш
ти треба таму да бидеш.
Ама, не треба само
да стоиш и да гледаш
туку треба и да закроиш.
Затоа баба во торбата
леб, вино и ракија ти спреми
а ти ножици за кроење земи.
И вака треба да кажеш:
Лозје мое мило,
пред тебе стојам
и јас треба да кројам
ластари ти ќе виеш
Не треба да се криеш.
Сонце тебе ќе те грее
А грозјето ќе зрее.
Уште благослов ќе дадеш
Многу грозје да има
Лозјето наше цело
Да роди црвено и бело.
Тодорка Андова