Групната изложба „На работ“ на уметниците Ана Трајковска, Ива Станкова, Илија Прокопиев и Доротеј Нешковски ќе биде отворена во петок (14 февруари) со почеток од 20 часот, во галеријата „Акантус“.
Станува збор за четири млади автори кои ќе се претстават со дела изработени во различни техники и формати.
– Нивните дела се изработени во масен пастел, графички отпечаток, цртежи, акрил, масло на платно и други. Навидум многу различни, но сепак доволно (не)компатибилни за да направат една целина и да го прикажат уметничкиот израз за материјалната слика на работ – информираат организаторите на изложбата.
Куратор на оваа изложба ќе биде Дијана Томиќ Радевска.
– Нивното искрено задоволство ќе се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, возбудата од „лутањето“ (истражувањето) низ сопствениот јазик. Низ отворени структури и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, односот на човек-град, човек-природа, човек-човек го оставаат отворен и целиот простор на работ на отворен запис кој може да се дополнува – истакнува Дијана Томиќ Радевска.
Изложбата ќе биде отворена до 10 март.