Канцеларијата на Европската унија во Приштина ги осуди последните инциденти кои се етнички мотивирани и кои имаат за цел заплашување или нанесување штети на припадниците на етничките малцинства во Косово.
ЕУ во изјава за „Газета Експрес“ изразува поддршка на косовската Влада во спроведувањето на законот со цел почитување на правата на сите заедници.
– ЕУ го осудува секое дејство кое се стреми да заплаши или да повреди. Ние ги поддржуваме Владата, институциите, спроведувањето на законот, опозициските политички партии, граѓанското општество и медиумите да работат одговорно за градење на едно Косово во кое се почитуваат правата на сите заедници, се вели во изјавата на Канцеларијата на ЕУ доставена до приштинскиот портал.
Претходно, со осуда на последните меѓуетнички инциденти, односно на неколкуте напади од страна на Албанците врз косовски Срби, се огласија американскиот амбасадор во Приштина, Грег Делави, претседателот Хашим Тачи и косовската Влада, која побара од надлежните органи што поскоро да ги расветлат околностите и мотивите за овие инциденти, а сторителите да се изведат пред правдата.