Дигитализацијата мора да биде во чекор со времето, тоа е тренд во архивската дејност во европските и во светските архиви. Тоа е стратегиска цел не само заради зачувување на оригиналите, но и заради нивна поедноставна достапност до истражувачите, односно до научната јавност. На тој начин архивот го оправдува епитетот трезор на националната меморија, вели Крстески
Шест месеци сте директор на Државниот архив, успеавте ли да ги детектирате најважните приоритети за негово современо и непречено функционирање, а наедно и најголемите проблеми со кои се соочувате?
– Се соочив со повеќе значајни прашања поврзани со функционирањето на оваа значајна национална институција. Требаше да се заврши процесот на реновирањето на покривот на Државниот архив, кој пред некоја година пропуштал вода, реновирањето на одделението во Тетово и изградбата на нов кат на одделението во Прилеп. Од самиот почеток ги согледав и несоодветните услови за работа на вработените. Ги посетив деветте одделенија низ државава, разговарав со вработените за сѐ што им е потребно за квалитетно исполнување на работните задачи. Една од првите мерки беше набавката на нови компјутери, скенери, канцелариски мебел, прочистувачи на воздух, бидејќи во просторот во кој сме привремено сместени се соочуваме со недостиг од свеж воздух и природна светлина. Здравјето на вработените, чија работа е поврзана со правливи документи и книги, е мошне важно. Немањето доволно работен простор, како и дневна светлина, исто така, е предизвик. Исто така и осовременувањето на работата и зачувувањето на архивската документација. Во тој правец направивме сериозен исчекор, набавивме над педесет компјутери, над дваесет скенери и друга опрема. Оваа година за Државниот архив ќе биде во знакот на почнување на дигитализација на архивските документи и на почнување на процесот за изградба на нов објект според европски стандарди. Потребно е и подобрување на условите во депоата и набавка на нова лабораториска опрема, како и носењето нова систематизација преку која треба да бидат уште подобро искористени човечките потенцијали. Од Владата имаме целосна поддршка за сите овие прашања и проблеми, а особено за наоѓањето трајно решение за Државниот архив, така што таа донесе одлука за барање нова локација и за градење нов објект според светските архивски стандарди. Имам добра комуникација со неколку градоначалници за наоѓање добра локација за новиот архив. Постигнавме голем успех лани кога првпат добивме и сертификат за примена на систем за управување со квалитетот по стандардот ИСО 9001:2015. Државниот архив има сопствена визија, мисија и долгорочна политика и стана сертифициран партнер на сите светски архиви. Тоа е признание за развојот што сакаме да го постигнеме.
Неодамна најавивте дека Скопје, Штип и Прилеп ќе бидат регионални центри за дигитализација на архивскиот материјал. За каков вид материјали досега станува збор, во колкав обем и дали паралелно со дигитализацијата ќе продолжи да се одвива и досегашниот начин на теренска работа за собирање, архивирање и стручна обработка на нови материјали?
– Дигитализацијата мора да биде во чекор со времето, тоа е тренд во архивската дејност во европските и во светските архиви. Тоа е стратегиска цел не само заради зачувување на оригиналите, но и заради нивна поедноставна достапност до истражувачите, односно до научната јавност. На тој начин архивот го оправдува епитетот трезор на националната меморија. На последната конференција на директори на националните архиви на земјите-членки на ЕУ се разгледуваше ова прашање и тоа беше дополнителен мотив за нас. Направивме акциски план за дигитализација, кој овој период ќе почнеме да го спроведуваме со зголемена динамика. Имено, досега се дигитализирани само документи од османлискиот период со поддршка на турската дирекција на државните архиви. Во наредниот период ќе се фокусираме врз старословенските ракописи, документи на хебрејски јазик, како и на документацијата од новиот и најновиот период. Убеден сум дека начелно за три години поголем дел од архивскиот материјал ќе биде дигитализиран. Иако тој процес мора дополнително да се унапредува и континуирано да трае, архивскиот материјал постојано се збогатува. Во овој момент располагаме со 60 милиони документи и 13.000 микрофилма. Што се однесува до прибирањето архивски материјал, тоа е една од основните дејности на архивот. Вложуваме напори да воспоставиме контакти со што поголем број приватни иматели. Многу граѓани поседуваат архивски материјали како наследство од нивни предци и сакаме да ги мотивираме да ги предаваат во архивот. Овде ќе бидат засекогаш безбедни и достапни до стручната јавност, како национално историско богатство.
Кои се најактуелните теми во овој период врз кои работат стручните лица од Државниот архив?
– Секоја година стручниот колегиум на Државниот архив предлага програма за работа во која се опфатени приоритетите на секторите. Стручната обработка на фондовите на архивската документација ни е во фокусот, затоа што тоа е предуслов за нивна достапност до истражувачите. Стручната помош и совети за правилно чување на документите кај имателите е нешто на кое сме обврзани постојано да работиме, да бидеме достапни и отворени. Во финална фаза сме околу подготовката на неколку изложби, кои, верувам, ќе ја заинтересираат јавноста, а издавачката дејност за 2020 година е веќе утврдена со нови интересни наслови од областа на историјата.
Задоволен ли сте од сегашната отвореност на оваа институција спрема граѓаните, институциите, домашните и странските научници, истражувачите и студентите?
– Нашето општество не е запознаено со функцијата и важноста на институцијата Државен архив, па размислуваме како да ја зголемиме афирмацијата на архивот и на неговата дејност. Скоро воведовме „Отворени денови“ и бев навистина радосен поради посетата на огромен број ученици од скопските средни училишта. Тие имаа можност да се запознаат со процесот на работа што може да им биде поттик да се запишат на студии по историја и архивистика и на тој начин да придонесеме за создавање нови кадри. Располагаме со читалница и сопствена библиотека со огромен фонд книги што може да им користат на тие млади луѓе, но и на сите истражувачи. Архивскиот материјал го доближуваме до граѓаните и преку издавачката дејност. На годишно ниво објавуваме околу 15 публикации, имаме редовно присуство на саемите за книга. Добра можност за младите историчари, домашни и странски специјалисти е нашето списание „Македонски архивист“, каде што се објавуваат стручни трудови. Во редакцијата на списанието се наоѓаат видни имиња од историската наука од земјава и од странство. Посветуваме големо внимание и на изложбите како една популарна форма за предизвикување на јавниот интерес за различни теми од нашето културно-историско минато.
Дали Државниот архив има доволно можности за реализација на неопходни меѓународни активности, кои би придонеле за поголема афирмација на неговата работа и на вредните материјали што се чуваат тука?
– Имаме континуирани резултати во меѓународната соработка, голем број потпишани договори, што ни овозможува да иницираме заеднички проекти, да разменуваме искуства и да инвестираме во професионализација на нашите вработени. Приоритет ни е потпишувањето нови договори или проширување на постојните за да може да праќаме што повеќе истражувачи во европските центри каде што се наоѓаат архиви поврзани со македонската национална историја. Државниот архив е интегриран во најважните архивски институции, како што се: Меѓународниот архивски совет, со седиште во Париз, групацијата на европски архивисти – ИКАРУС од Виена, а имаме и статус на набљудувач во Европскиот борд на директори на националните архиви на земјите-членки на ЕУ. Особено важен ни е и процесот на сукцесија на архивските материјали од граѓанските, дипломатските и воените архиви на поранешна Југославија. Имаме постојана комуникација со архивите од Белград, Сараево, Загреб и од Љубљана, со чии директори наскоро треба да реализираме заеднички состанок од кој треба да произлезат практични чекори во однос на ова прашање.