Канзас сити го совлада Сан Франциско со 31-20 во 54-от Супербоул на НФЛ (лига во американски фудбал) и го освои трофејот „Ломбарди“ по пауза од речиси 50 години. Патрик Махомс (24) стана вториот најмлад квортербек (додавач) што го освојува Супербоулот, по Бен Ротлисбергер во 40-от Супербоул, и третиот одбранбен играч што е прогласен за МВП (најкорисен играч) придружувајќи им се на Тери Бредшо и на Том Брејди.
Тренерот на Канзас сити, Енди Рид, кој има 222 победи во кариерата, го освои првиот Супербоул. Само петмина тренери во историјата на НФЛ имаат забележано повеќе победи од него, во регуларниот дел и во плејофот.
– Не ја загубивме надежта во ниеден момент. Сите во овој тим верувавме дека ќе најдеме начин како да победиме. Одигравме најдобро во одбраната кога беше најпотребно, а тренерот ме бодреше велејќи „продолжи да се бориш, верувај во себе“ што многу ми значеше – изјави Махомс, најзаслужниот за пресвртот во финишот од мечот, во последната четвртина.