Три лица се примени во болница и ставени во карантин во Хасково, Бугарија, со можни симптоми на коронавирус, пренесуваат бугарските медиуми.
Станува збор за брачен пар што се вратил од одмор од Тајланд, пред една недела. Минатата седмица, тие покажале можни симптоми на коронавирусот, поточно покачена телесна температура, без кашлица и симптоми на белодробна инфекција.
Двајцата веднаш го посетиле својот лекар, кој ги упатил во Одделот за инфективни болести.
Сега мажот и жената се во добра состојба. Според одредбите на бугарското Министерство за здравство беа извршени тестирања на пациентите, со што примероците се испратени на анализа во Софија.
Третиот пациент се вратил од Шри Ланка. Тој вчера беше примен во болницата со пневмонија. Резултатите од неговите тестирања исто така се испратени во лабораторијата во Софија.