Насилството во раното детство го оштетува мозокот

Научниците од Универзитетот во Мичиген објавија труд во 2020 година за негативните ефекти на раните стресни доживувања, кои, сепак, може да се ублажат ако на тие лица им се даде добра социјална поддршка

Многупати сум пишувала за факторите што обезбедуваат хармоничен развој на детето. Освен многуте генетски чинители, кои секојдневно сѐ повеќе се откриваат, за детскиот развој е неопходен цврст емоционален однос со мајката (старателот). Познато е дека оваа емоционална врска влијае особено да се поттикне развојот на делови од мозокот (на пример, десен орбитофронтален кортекс) што понатаму се битни за стекнување отпорност спрема некои ментални растројства, како што се аутизмот, посттрауматското стресно растројство итн. Пишувавме и за тоа како депривацијата од мајчина грижа влијае на детскиот развој. Она што ќе го разјасниме денес е како разните несреќи доживеани во детството (сиромаштија, малтретирање, насилство) влијаат врз развојот на мозокот.

Несреќите на кои се изложени современите деца се сигнификантен социјален проблем не само во сиромашните земји туку и во една од најбогатите – САД. Покажано е дека оние деца што искусиле сиромаштија имаат повисок ризик да бидат предмет на насилство и да страдаат од недостиг од социјална поддршка. Тие исти деца подоцна имаат долгорочни последици, како што се повисоки стапки на дијабетес, канцер или некои други заболувања. Значи, неволјите претставуваат ризик за органски заболувања!

Оние луѓе што во периодот на своето детство или во адолесценцијата биле подложени на какви било несреќни околности, исто така, развиваат мозочни промени што ги менуваат одговорите на организмот што се вообичаени при закани. Научниците од Универзитетот во Мичиген објавија труд во 2020 година за негативните ефекти на раните стресни доживувања, кои, сепак, може да се ублажат ако на тие лица им се даде добра социјална поддршка.

Имено, студијата ги содржи резултатите од анализа на 177 млади личности на возраст од 15 до 17 години што биле следени од денот на раѓање. Околу 70 проценти од испитаниците биле со африканско-американско потекло и живееле во услови на тешка сиромаштија. Сите испитаници биле скенирани со магнетна резонанса, со особен фокус на белата маса и нејзината поврзаност во неколку посебни региони на мозокот: амигдала (позната како битна за стравот и процесирање на емоциите) и префронталниот кортекс (одговорен за егзекутивните функции). Добиените скенови сугерираат поврзаност помеѓу изложеноста на насилство и социјална депривација во детството. Кај децата опфатени во студијата што доживувале поголемо насилство (малтретирање, насилство од семејни членови или од соседството) и социјална депривација (отфрлање, недостиг од кохезија во околината или недостиг од мајчина грижа) најдена е смалена конективност помеѓу амигдалата и префронталната кора во периодот на адолесценција. Во случаи кога испитаниците добивале некаква социјална поддршка, и во исти услови ваквата поврзаност помеѓу мозочните структури не била битно намалена. Истото тоа се добивало кога децата искусиле социјална депривација, но не и насилство. Тоа покажува дека социјалната депривација може да ги егзацербира ефектите од насилството и да даде промени во белата мозочна маса и нејзините конекции со други регии во мозокот.

Истражувачите биле изненадени кога нашле поврзаност помеѓу мозочните промени и состојбите на менталното здравје, особено појавата на анксиозност и депресија. Она што е највпечатливо е дека овие промени во мозокот најмногу се регистрираат во периодот на транзиција, поточно на преминот од адолесценција во адултна возраст (околу 20-та година).
Уште едно соопштување на слична тема е наодот за генетската база на анксиозноста. Анксиозноста, според најновите статистички показатели, е присутна кај еден од десет Американци. Во почетокот на 2020 година е направена огромна генетска анализа на околу 200.000 воени ветерани за да се најдат генетските основи на анксиозноста. Истражувањето е направено во престижниот универзитет „Јејл“ и објавено во Американското списание за психијатрија. Најдени се шест варијанти на гени поврзани со анксиозноста. Пет од овие варијанти се најдени кај Американци од европско потекло, додека една кај оние од африканско потекло.

Некои од пронајдените варијанти се асоцирани со гени што директно ја помагаат генската активност или, пак, се поврзани со гени инволвирани во функционирање на рецептори на хормонот естроген. Токму овие наоди објаснуваат зошто жените двапати повеќе манифестираат анксиозни растројства во споредба со мажите. Особено една од новопронајдените генски варијанти, наречена МАД1Л1, чија функција сѐ уште не е разјаснета, била многу присутна кај испитуваните ветерани. Сепак, овој ген веќе во претходни истражувања бил поврзуван со биполарни растројства, ПТСД и шизофренија, а ете, најново, поврзан е и со анксиозност.
Со други зборови, со помош на високите технологии достапни во науката денес, потврдено е дека е несомнена улогата на гените во развојот на органските и менталните растројства кај луѓето. Во таа насока, новите откриени генски варијанти несомнено влијаат за развој на ментални растројства, какви што се анксиозноста, депресијата или биполарното растројство. Од друга страна, истражувањата потврдуваат дека без околински влијанија, генетиката не би била толку моќна. Во таа група околински влијанија, секако, се насилството, сиромаштијата, разни други несреќи што им се случуваат на децата. Овие без социјална поддршка се одговорни за промени на мозочни структури што последователно влијаат за развој на анксиозност или други ментални растројства.
Пораката е: да обезбедиме сигурни, безбедни, оптимални околински услови за развој на децата, со што би ја намалиле генетската сила за потенцијални ментални растројства.