Училиштето „Аврам Писевски“ во Бардовци со подновени тоалети
Со реконструкцијата на тоалетите во училиштето „Аврам Писевски“, во населбата Бардовци, учениците добија многу подобри хигиенско-санитарни услови. Активностите беа спроведени во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ).
Ова училиште има и тоалет за ученици со попреченост, а веќе се работи и на нова сензорна соба, која ќе биде одраз на општествена одговорност. Во наредниов период се планира и промена на системот за греење. Со реновирањето на објектот, за околу 270 ученици и наставници се обезбедени подобри услови за настава и работа. Во оваа образовна институција беше инсталирана и надворешна канализациска мрежа во дворот на училиштето, за да се спречи непријатна миризба.
Се чисти дивата депонија во Ново Село
Дивата депонија во населеното место Ново Село, создадена од несовесни граѓани, ќе биде исчистена. Градот Скопје во соработка со општината Ѓорче Петров веќе донесе механизација и на терен веќе почна расчистувањето на наталоженото ѓубре. Откако целиот простор од депонијата во Ново Село ќе биде исчистен, тој ќе се озелени и ќе се претвори во корисно и чисто место, кое нема да ја загадува животната средина.
Инаку локалната самоуправа на општината Ѓорче Петров, на крајот од минатата година, им вети на граѓаните дека оваа депонија ќе биде исчистена и дека просторот повторно ќе биде зелена површина.
Кисела Вода го заврши потпорниот ѕид на улицата Христо Татарчев
Општината Кисела Вода ја заврши изградбата на потпорниот ѕид на кракот 14 од улицата Христо Татарчев. Овој потпорен ѕид е во должина од 40 метри и има различна висина по целата должина. Како што информираат од општината Кисела Вода, следен чекор ќе бидат градежните зафати за уредување на земјиштето околу потпорниот ѕид, пред да започне следната фаза, а тоа е планираната реконструкција на оваа улица во должина од 800 метри.
На подигнувањето на ѕидот, кој има цел да го спречи лизгањето на земјиштето во овој дел на населбата Припор, работеше фирмата изведувач „Баџак инженерин“.