Францускиот претседател, Емануел Макрон, одлучи да размести воени фрегати во источниот Медитеран поради растење на тензиите меѓу Атина и Анкара за регионалните енергетски резерви.
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, ја поздрави одлуката на Франција.
Како што пренесува „Грик репортер“, француските бродови заедно со грчките и кипарските ќе учествуваат во воените вежби.
Односите меѓу Грција и Турција, кои се влошија поради настојувањата на Анкара да ископува нафта на Медитеранот, во близина на брегот на Кипар, но и спорниот поморски договор меѓу Турција и Либија, предизвикаа вклучување на меѓународниот аларм, пишува „Гардијан“.
– Единствениот начин за ставање крај на несогласувањата во источен Медитеран е преку меѓународната правда – рекол Мицотакис по разговорите во Париз со францускиот претседател Макрон.
Тој ги опишал француските бродови како гаранција за мирот.