На сликите што се појавија на интернет се гледаат пет африкански лавови, кои се толку многу ослабени, што од нив останале само коските и кожата. Измачените животни се зад решетките на „Ал Куреши“, зоолошка градина во елитниот реон на Картум, главниот град на Судан.
Лавовите со недели не добиваат доволно храна и лекови, бидејќи земјата се соочува со шокантна економска криза. Јавноста беше известена дека еден од петте лава веќе починал од глад, откако од него не останало ништо, освен застрашувачки костур, измачен од гладување и негрижа.
За среќа, деновиве беше поведена онлајн-кампања за да се најде нов, безбеден дом за овие кутри, измачени „кралеви на животните“, пред сите да умрат од неисхранетост. Водач на фејсбук-кампањата „Спас за суданските животни“ е Осман Салих.
– Бев страшно потресен кога ги видов овие лавови во зоолошката градина. Коските им стрчеа од под кожата. Ги поттикнувам сите заинтересирани луѓе и институции да им помогнат најбргу што можат – апелира тој.
Ветеринарите обелоденија дека здравјето на лавовите од неодамна е сериозно влошено, со оглед на фактот дека некои од нив изгубиле дури две третини од својата телесна тежина.
– Нема доволно храна, па често ја купуваме од сопствени средства за да ги нахраниме животните – изјави Есамелдин Хаџер, менаџерка на паркот, кој функционира врз база на приватно финансирање.
Шокантните животни услови во оваа зоолошка градина на ужасот во голема мера влијаат и врз генералното здравје на сите животни.
– Тие страдаат од сериозни и тешки заболувања. Болни се и изгледаат екстремно изгладнети и истоштени – раскажува Моатаз Махмуд, еден од чуварите.
За време на викендот, додека новинарите биле во посета на зоолошката, една од големите мачки била врзана со јаже и хранета по пат на инфузија со течности, закрепнувајќи на тој начин од преголемата дехидрираност на организмот. В.Б.Н.