Министерство за внатрешни работи, Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со СВР Скопје извршија идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д.К. од Скопје и еден од администраторите на групата со иницијали М.П. од Скопје. Во текот на истрагата преостанува да се утврдат останатите лица кои имале администраторски и модератороски улоги во групата, информира полицијата.
Со нив е извршен службен разговор, а во текот на утрешниот ден во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располага МВР. Од страна на МВР ќе бидат направени дополнителни анализи на содржината која беше споделена во групата со цел утврдување други нелегални активност и сторители, согласно со КЗ. Паралелно на ова, МВР во соработка со „Телеграм“, презема активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата. МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива,се наведува во соопштението.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев претходно информираше дека засега утврдиле дека групата броела 8.000 членови, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од Фејсбук, Инстаграм, но и приватни фотографии и видеа.