Популарната македонска пејачка Александра Јанева деновиве ќе биде македонски претставник на музичката манифестација МАС во Белград. Таа има редовни настапи со својот бенд, а подготвува и нов музички материјал. Но она што периодов особено ја исполнува, се настапите со трибјут-бендот за Тоше Проески, чиј роденден се одбележува денеска во неговото родно Крушево, но и во целиот регион.
Кога првпат ги откривте Тоше и неговата музика и како влијаеше тоа на вас?
– „Магија“! Првото мое сеќавање за Тоше е поврзано со впечатливото видео за таа песна и несекојдневната комбинација со Есма. Сè околу „Магија“ ми беше ново и интересно. Се разликуваше од сè друго што имав слушнато дотогаш. Кога се појави таа песна ми беше голема радост и со нетрпение чекав да ја пуштат на ТВ, да го изгледам спотот очекувајќи дека ќе се случи некоја вистинска магија. Во тој момент беше ѕвезда во подем и нижеше хитови. Паралелно со растот на неговата популарност и кариера, кај мене растеа желбата и љубовта кон музиката. Искрено, тогаш почесто сакав да ги пеам странските хитови, но кога ги открив неговите песни ја сфатив убавината на македонската музика.
Како гимназијалка во Струмица со соучениците подготвивте концерт што му беше посветен на Тоше. Какви спомени ве врзуваат со овој настан?
– Мјузиклот за Тоше на хорот и оркестарот на СОУ „Јане Сандански“ е еден од највпечатливите настани од моите музички почетоци. Темата на концертот не само што двапати ја преполни салата туку привлече и голем интерес од целата македонска јавност. Не бев свесна дека со една изведба може да бидам забележана од познати автори. Тогаш ја пеев „Зошто отиде“ на Блаже Темелков, а веќе следната година добив своја песна од него.
Лани станавте дел од трибјут-бендот посветен на Проески и одржавте повеќе концерти во земјава. Како дојде до неговото создавање?
– Заеднички познаник од Битола нè спои мене и Марко Логаут со идеја да изведеме целовечерен настап со најголемите хитови на Тоше. Во 2018, во Битола, го имавме првиот таков настап, на кој ни се приклучија Димитар Андоновски и Виктор Апостоловски. За сите тоа беше многу емотивна вечер. Поради огромниот интерес на публиката оваа идеја прерасна во трибјут-проект, кој решивме да го прошетаме и на други места. Бендот нема стандарден број музичари, покануваме пејачи во различни градови. На тој начин проектот секогаш добива различен звук.
Какви се реакциите на публиката на вашите настапи?
– Токму поради добрите реакции од публиката од една спонтана вечер за Тоше, проектот прерасна во функционален концепт, кој досега го прошетавме во Струмица, Неготино, Скопје, Кавадарци, Битола и во Охрид. Убаво е да се види на исто место публика од повеќе генерации што во еден глас ги пее неговите песни. Понесена од атмосферата, некогаш се случува публиката сама да започне рефрен од песна што ја немаме во репертоарот. Едноставно, не постои негова песна што не сакаат да ја слушнат. Идејата на овие настапи е да ја потсетуваме публиката на неговата музика. Доаѓаат и нови генерации што не живееле во негово време и допрва треба да ја запознаат неговата музика. Најважно е песните да продолжат да се пеат. Само така ќе живеат. Не очекувавме дека проектот толку брзо ќе ги помине границите на Македонија. Следниот трибјут ќе го имаме во Копер, Словенија, на 14 февруари.