Во киното „Одеон“ во Софија е прикажан филмот „Манаки – приказна во слики“ од Роберт Јанкулоски. По успешното претставување на Јанкулоски во бугарската престолнина со своја фотографска изложба минатата година, како и поради интересот на публиката прикажувањето на филмот да се случи уште еднаш во Софија, авторот пристигна за проекцијата на својот филм и пред гледачите во киното го претстави своето и делото на браќата Манаки.
Продуцент, режисер и кинематографер е Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева и Роберт Јанкулоски, монтажата на Блаже Дулев, музиката на Горан Керкез, а дизајнот и звукот на Дарко Спасовски.
Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините, браќата Манаки се митологизирани, а додавањето нови и непотврдени информации за да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст. Поради ова, секој факт и мислење презентирани во филмот „Манаки – приказна во слики“ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти.
Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии, следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.
Настанот се реализира во соработка со Бугарската национална филмотека, со помош на КИЦ на Македонија во Софија.