Паметните телефони го задржуваат приматот
Паметните телефони во новата декада ќе останат доминантни потрошувачки уреди. Пристигнувањето на новата, петта генерација мобилни мрежи 5Г не гарантира пораст на надградбите ниту купување нови уреди во светот, освен во Кина и во Јужна Кореја, покажува истражувањето на светското здружение ГСМА.
Резултатите беа објавени на најголемиот светски саем на потрошувачка електроника, кој оваа недела се одржува во Лас Вегас, со напомена дека се базираат врз истражувања на ГСМА за 2019 година и од одговорите на над 38 илјади испитаници корисници на мобилни мрежи на 36 клучни светски пазари.
ГСМА е најголемото светско здружение во мобилната индустрија што ги застапува интересите на повеќе од 700 мобилни оператори низ светот со речиси 400 компании, вклучувајќи ги и производителите на мобилни телефони, софтверските компании, доставувачите на опрема и интернет-компаниите, како и организациите од сродните индустриски сектори.
Намален извозот на француски вина поради американските царини
Извозот на француски вина од средната класа опадна поради царините што САД ги воведоа во октомври минатата година, поради спорните европски субвенции за производство на авиони.
Француското вино, покрај шкотското виски и италијанското сирење, се најде меѓу производите од Европската Унија, кои сега се царинат со 25 отсто, откако Светската трговска организација (СТО) му даде зелено светло на Вашингтон да воведе компензациски царини поради субвенциите на европскиот производител на авиони „Ербас“.
САД се најголемиот извозен пазар за француските вина. Царините ќе опфатат испораки, чија вредност во 2018 година изнесувала милијарда американски долари. Француското здружение на извозници на вино во октомври предупреди дека вината од средната класа се најмногу загрозени со губењето на пазарниот удел во САД, по зголемувањето на малопродажните цени поради зголемувањето на царините.