Првите 30 километри од автопатот Кичево – Охрид да се пуштат во употреба, обнова на локални патишта во должина од 450 километри, завршување на првата делница од пругата кон Бугарија, тендери за магистралните гасоводи Велес – Свети Николе и Гостивар – Кичево, промоција на охридскиот аеродром и нови авиолинии, изградба на социјални станови. Ова се некои од клучните проекти што, според најавите на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, треба да се реализираат оваа година. Еден од најзначајните проекти, како што најави тој, е проектот за поврзување на локалните патишта.
– Проектот предвидува инвестиции во реконструкција на локални патишта и улици во 80 општини во државата, вклучувајќи ги и општините во градот Скопје, што подразбира дека Министерството за транспорт и врски, односно Владата, директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку реконструкција на улици и патишта во сите општини. Вкупната вредност на овој проект изнесува 70 милиони евра, средства од Светската банка, а Министерството за финансии веќе го потпиша договорот и средствата ни се дадени на располагање – нагласи Сугарески.
За делот на гасификацијата, тој рече дека во втората половина од оваа година преку Националните енергетски ресурси ќе се распишат јавни повици за изградба на магистралниот гасовод Велес – Свети Николе и магистралниот гасовод Гостивар – Кичево.
– Во делот на станбената политика ќе почнеме со изградба на социјална станбена зграда со 312 стана во општината Бутел. Договор со изведувач имаме и се расчистува локацијата од постојни објекти. Се подготвуваме за изградба на социјални згради и во Гевгелија, Пехчево, Виница, Свети Николе, Дебар, Сарај, Велес и Демир Капија или вкупно 320 социјални стана. Оваа година очекуваме да заврши изградбата на двете социјални станбени згради во Пробиштип и во Неготино – појасни Сугарески.
Тој, меѓу другото, најави дека ќе се посветат и на изградбата на железницата кон Бугарија, на изградба на заедничка железничка станица на Табановце со Република Србија, но и дека ќе се работи во Велес, Крушево, Карбинци, Јегуновце, Охрид, Куманово, Свети Николе, Чашка, Демир Хисар, Сарај, Старо Нагоричане и во други општини.