Еден од сѐ помалобројните колекционери во Кичево е Тоше Петрески, кој речиси шест децении ја дополнува богатата колекција кибрити од различна старост, различно потекло и специјално изработени за одредени јубилеи и прослави. Иако денес кибритите се речиси исфрлени од употреба, сепак тој успева да ја дополни својата колекција и да создаде пребогата збирка.
– Од својата десетта година го засакав колекционерството и таа љубов ме следи и денес. Така, низ годините собирав филмски плакати, невестински ковчези и најдолготрајната преокупација ми беше собирањето кибрити, која трае уште од почетокот на 1960-тите години. Ја користев секоја можност кога ќе забележам поинаков кибрит од оние што јас ги поседувам, и веднаш посакував да ги имам во својата колекција. Големата упорност најчесто даваше резултати и доаѓав до нови и нови примероци, како од поранешната држава така и од повеќе земји од светот. Често се случуваше да дојдам до нови примероци по контакти со роднини и пријатели и ако некогаш имавме некој гостин што работи во странство првото мое прашање беше дали пуши и дали користи кибрити. Ако добиев потврден одговор, го замолував гостинот да ми го даде кибритот за да го ставам во мојата колекција – раскажува Тоше за својата пасија.
Во моментов бројот на собрани кибрити во неговата колекција изнесува околу илјада примероци. Денес тешко доаѓа до нови примероци поради намалената употреба на кибритите.
– За жал, последните 15-20 години пушачите и домаќинствата сѐ помалку или воопшто не користат кибрити, а истите тие тешко се наоѓаат и во продавниците и затоа ми е многу потешко да ја збогатувам мојата колекција со нови примероци. Но јас сум оптимист и не губам надеж дека и во наредните години ќе ја збогатувам својата колекција. Можеби збогатувањето ќе оди побавно, но и во тоа е убавината на колекционерството – додава кичевскиот колекционер, кој потсети дека филмските плакати му ги подарил на градскиот музеј, а има и колекција на невестински ковчези, која исто така тешко се дополнува бидејќи во денешно време таа традиција повеќе и не постои.