Српското МВР испрати уште еден апел во врска со потрагата по 12-годишната Моника Каримановиќ, која е исчезната веќе седум дена и објави најнова фотографија од осомничениот за кој се верува дека ја киднапирал.
Нинослав Јовановиќ, познат како Малчанскиот бербер, кој е осомничен дека го грабнал девојчето, во моментов би требало да изгледа како на објавената фотографија.
Се верува дека го киднапирал девојчето некаде во околината на Књажевац.
Полицијата соопшти дека Јовановиќ би требало да изгледа како на фотографијата, но остава можност да има и брада стара седум-осум дена, колку што е во бегство, пренесува „Блиц“.
По него трагаат специјални полициски единици, околу 600 полицајци, кучиња тргачи, а теренот го прелетуваат и хеликоптери.
Јовановиќ се товари дека пред речиси една недела ја киднапирал 12-годишната Моника Каримановиќ кај Ниш.
Девојчето исчезна на 20 декември, а последен пат била видена околу 7.20 часот, кога заминала на училиште. После тоа, секоја трага од неа исчезнува.
Синоќа опсежната потрага траеше цела ноќ, при што полицијата го пребаруваше секое место за кое има сомнежи дека Јовановиќ би можел да го користи како скривалиште.
Полицијата добила пријава дека Малчанскиот бербер бил виден како шета по пруга со едно девојче.
Исто така, од претресот на околните села било откриено дека е провалено во три куќи од каде е земена храна. Покрај тоа, во една штала откриена е коса за која се претпоставува дека е од Моника.
Пронајдени се и траги што може да помогнат во разоткривањето на злосторството. Поточно, куќата во која биле пронајдени траги од нивен престој, припаѓа на таткото на сопругата на братот на Јовановиќ, а забележани се и двојни стапалки за кои има сомнежи дека му припаѓаат на киднаперот и на жртвата.