Ексвработениот во 1ТВ, Христијан Баневски, кој е сведок во случајот „Рекет“, кажа дека при разговор со неформалниот сопственик Бојан Јовановски го запрашал дали рекетираат одредена фирма, на што Јовановски рекол: „Оваа телевизија мора да живее од нешто“.
-Бев примен како репортер-новинар, а по првиот месец, водев главен информативен магазин. Неретко во уредувањето учествуваше и господинот Јовановски. Од него беше побарано да направиме најава дека ние ќе ги испитуваме водите, односно дека ќе испитуваме вода и ќе проверуваме дали некој пакува вода која ја полни од чешма. Неколку пати течеше најавата, неколку пати го кажував тоа. По извесен период, кога ги водев емисиите, наш спонзор беше „Пелистерка“, иако никогаш не дознав дали сме ги испратиле и добиле резултатите од водите кои беа испратени на испитување – рече Баневски.
Сведокот кажа дека бил повикан и во канцеларијата на Јовановски, каде било присутно уште едно лице и добил нова работна задача.
-Фирмата „Агрија“ од Велес направила наводни криминали. Откако ми го дaде бројот на сопственикот, Бојан беше повеќе заинтересиран за тоа дали е уплашен од тоа што се јавил новинар од 1ТВ. Кога се јавив, тој ми рече дека ние сме рекетари и не сакал да разговара со нас. По недела дена повторно го побарав сопственикот Перо Колевски кој тогаш ми рече дека сѐ е во ред и дека може да го снимаме. Го прашав Јовановски дали го рекетираат сопственикот на фирмата, на што тој ми рече „Оваа телевизија мора да живее од нешто“ – рече Баневски.
Јовановски му кажал на Баневски дека ќе започнат нова емисија за успешни приказни, а прв ќе треба да гостува Томе Главчев.
-Потоа, дознав дека Главчев имал проблеми со Јанева – рече Баневски.