Скаран сум со Катица Јанева, рече бизнисменот Томе Главчев кој е осомничен во случајот на СЈО, „Поштенска банка”, а истовремено е сведок во „Рекет”. Главчев вели дека има траума од СЈО, поради моќта која била демонстрирана.
-Тоа што се случуваше во СЈО, беше изживување, голема траума. Ми кажаа дека сум сведок, а на роденденот на синот бев повторно повикан во СЈО, за да ми кажат дека сум осомночен. Јас таму имам дадено изјава како сведок, пред обвинителот Бурим. Бев изненаден. Адвокатот ми кажа дека најпозитивно за мене е да не давам изјава бидејќи станува збор за неовластен тужител и дека е тенденција, суета од страна на обвинителката и дека е најпаметно, ние да поднесеме тужба. Јас одбив тужба, гледајќи ја моќта на обвинителството која се демонстрираше, а посебно бев исплашен бидејќи кога бев приведен од дома, стражарно, кај мене дојдоа со наредба за личен претрес, а се шетаа со шмајзери низ куќата. Беше стресна ситуација – сведочеше Главчев.
Сведокот во „Рекет” и бизнисмен Главчев рече дека неговата фирма „НОЕЛ Гевгелија” се рекламирала во 1ТВ.
-Мојата конфекцијата е позната по производство на машки кошули, па затоа сакавме исфорсирано да се изрекламираме. Разговарав со повеќе медиуми. Стапив во контакт со господинот Јовановски. Ми требаше простор од 40-50 милиони евра годишно, бидејќи толкави трошоци можам да поднесам. Имав коректни разговори сѐ до обидот за моето приведување. Тогаш цената рипна. Требаше да платам сто илјади евра – рече Главчев.
Адвокатот Сашо Дуковски кој го застапува Бојан Јовановски праша дали неговиот клиент зборувал за случајот „Поштенска банка” кој го води СЈО, на што бизнисменот Главчев рече: „Не, јас го имам споменувано”.
Главчев кажа дека со Јовановски разговарале за неговата конфекција и кошулите кои ги произведувал.
-Бојан Јовановски е интересна фигура. Сме разговарале и за фабриката, кошулите, се мешаше во стајлингот. Јас за него имав работено неколку црни кошули – рече Главчев.