Москва – Речиси половина милион лица се евакуирани во изминатите три недели од зградите низ Москва поради лажни терористички закани. Повеќе од 3.500 згради, метро-станици, судови и аеродроми се евакуирани од почетокот на бранот закани со бомби на 28 ноември. Сепак, на ниту една од локациите не беше пронајдена бомба. Руските власти порано им влегоа во трага на таквите повици, кои во најголем дел потекнуваа од странство, вклучувајќи ја и Украина.
Сеул – Јужна Кореја и САД не постигнаа договор за финансискиот придонес на Сеул за трошоците за престојот на околу 28.500 американски војници во земјата на крајот од дводневните преговори, последни пред истекот на постојниот договор на 31 декември. Пратениците во јужнокорејскиот парламент тврдат дека Вашингтон побарал до пет милијарди долари годишно, пет пати повеќе од тоа што Сеул се согласил да плати за оваа година. Непостигнувањето договор би можело да ја загрози целата иднина на американското воено присуство на територијата на Јужна Кореја.
Вашингтон – Американската Мормонска црква наводно заштедила дури сто милијарди долари, спротивно на законите за даноци на Соединетите Американски Држави. Поранешниот главен „касиер“ на Мормонската црква, Дејвид Нилсен, им пријавил на тамошните даночни инспектори дека црквата има готовина во износ поголем од сто милијарди долари. Се верува дека заштедите биле направени со тоа што раководството на црквата одлучило да ги чува парите од донации наместо да ги даде во добротворни цели. Таа, според Нилсен, ги користела парите ослободени од данок за финансирање на две компании.
Москва – Официјална Москва соопшти дека санкциите на САД нема да ја запрат изградбата на гасоводот „Северен тек 2“. Од Кремљ порачаа дека евентуалните американски санкции против гасовод се спротивни на меѓународното право и претставуваат совршен пример за нелојална конкуренција.