„Слушни! Доаѓа Новата…“ е насловен традиционалниот новогодишен концерт кој оркестарот на Филхармонија ќе го одржи на 27 декември (петок). Солисти се ансамблот „Јаношка“ од Австрија, а диригент е Борјан Цанев.

-Музиката која ја создаваат тројцата браќа од Братислава – Ондреј, Франтишек и Роман Јаношка и нивниот роднина Џулиус Дарвас претставува колоритен контраст на нивната класична наобразба со музиката од другите жанрови – од џез и латино, до поп музика. Крајниот резултат не е само микс од стилови, туку креативна синтеза – препознатливниот „јаношка стил“ – велат од Филхармонија во најавата за настанот.

Билетите се веќе достапни и можат да се набават на билетара на Филхармонијата, да се резервираат на телефонот 02/3238-182 или да се купат онлајн.