Сојузниците на претседателот одамна апелираат до јавноста да прави разлика меѓу твитовите на претседателот и неговите официјални чекори

Автор: Дејвид А. Греам

Атлантик

Во поголемиот дел од истрагата за импичмент, претседателот Доналд Трамп ги пропушти шансите да изгради официјална одбрана за неговото однесување. Првично, Белата куќа се пожали дека демократите од Претставничкиот дом не му дале шанса да се одбрани. Кога тоа го сторија, тој намерно ги избегна, одби да биде вклучен во судските сослушувања во Претставничкиот дом и не сакаше да дозволи да дадат исказ сведоци кои (како што тврдеа неговите сојузници) можат да го одбранат.

Од друга страна, Трамп не молчеше, јавно остро ја критикуваше истрагата и гласно се жалеше преку неговите содржајни твитови. Денес во пресрет на изгласувањето на речиси сигурен импичмент, претседателот директно реагираше на начин кој последен пат беше виден на почетокот на октомври кога неговите советници од Белата куќа ветија дека оваа администрација нема да соработува и тоа преку едно извонредно писмо.

Писмото испратено до Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом, изобилува со лавина од обвиненија. Претседателот вешто се служи со некохерентни семантички приговори („Ја обезвреднивте важноста на грдиот збор импичмент!“), очигледни лаги (за активностите во Украина на поранешниот потпретседател Џо Бајден), вообразено жалење („Вие не ги повлековте своите зборови. Не побаравте прошка. Не се покајавте, не покажавте капацитет да се преиспитате себеси“) и страшно погрешно толкување на историјата („Обвинетите во ловот на вештерки во Салем добија поголема можност да се одбранат“).

Со други зборови, сè понатаму се повторува. (Барем неговото писмо до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше кратко).

Во поголем дел, писмото е мешавина од обични поплаки кои претседателот веќе ги користеше на митинзите и во објавите на Твитер. Претседателот добро знае како да пренесе порака во 280 карактери, но кога ќе добие шанса, може да се расприкаже и на шест страници. Иако речениците постојано се повторуваат, писмото е значајно затоа што е официјален меморандум на Белата куќа.

Во текот на мандатот на Трамп, неговите неподготвени сојузници побараа од јавноста да замисли дека постојат две верзии на Трамп. Ќе ги наречеме „господинот Трамп“ и „претседателот Трамп“. Како обичен граѓанин, Трамп кажа многу глупости на митинзите и на Твитер. Од друга страна како претседател, Трамп е достоинствен и релативно нормален врховен командант. Кога Трамп објавува нешто откачено на Твитер, републиканците велат дека со него се справуваат само според службена должност. Користејќи ја тактиката што ја популаризираше Пол Рајан, поранешниот претседател на Претставничкиот дом, членовите на Конгресот настојуваат да не ги читаат објавите на Твитер.

Кога Трамп не ги споделува штетните и непрактични идеи, републиканските апологети сакаат да го свртат вниманието кон мерките на претседателот Трамп, како што се назначувањето на судии, блокирање на процесот на носење закони и слично, и апелираат до народот да ги игнорира изјавите на митинзите и објавите на социјалните медиуми.

Белата куќа исто така ја прави оваа разлика. Трамп слободно се фалеше со неговите планови дека ќе им забрани на муслиманите влез во САД, но владините адвокати побараа од судовите да ги игнорираат таквите изјави и наместо тоа да ги земат предвид само официјалните документи на администрацијата за поддршка на забраната, откако претседателот Трамп ја презеде функцијата.

Во текот на истрагата за импичмент, републиканците побараа од јавноста да ги прифати уверувањата на претседателот Трамп дека неговата надворешна политика во сенка во Украина била само резултат на извршувањето на должностите на неговиот кабинет, и да се игнорираат изјавите на Трамп кои покажуваат дека барал лична политичка корист.

Идејата за двата Трампа отсекогаш имала слаба основа, а писмото до Пелоси целосно ја руши. Тука зборува обичниот Трамп додека ја извршува својата функција на претседател во Овалната соба и се служи со канцеларискиот материјал. Во историски момент се трга глумата настрана, како што прецизно истакнува Трамп. Нема помрачен момент од импичмент на еден претседател, а тој реши вака да реагира. Со извинување до јавниот обвинител Вилијам Бар, одговорот е дека постои само еден и вистински Трамп.

Превод: Билјана Здравковска