Две нови цистерни под притисок со волумен од четири кубни метри, две цистерни под вакуум со волумен од четири кубни метри, како и специјализирано мерно комбе возило за испитување дефекти на водоводната мрежа се дел од новата механизација на јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Вкупната инвестиција за нејзината набавка изнесува околу 30 милиони денари. Од претпријатието сметаат дека новите специјални возила ќе им помогнат во унапредувањето на работниот оперативен процес, но и во подобрувањето на условите за живот на граѓаните, како и за грижата за животната средина.
Обновената механизација за потребите на претпријатието, вчера и официјално ја промовираа генералниот директор на ЈП „Водовод и Канализација“ Душко Весковски и градоначалникот на градот Скопје Петре Шилегов.
– Сакаме да истакнеме дека ова е прва набавка на ваков тип возила од 2011 година до денес и во овој момент претпријатието располага со 10 цистерни под притисок и 10 цистерни под вакуум. Цистерните под притисок се употребуваат во процесот на одзатнување на канализациските цевки од различни профили користејќи вода под притисок, додека, пак, цистерните под вакуум се употребуваат за црпење вода при поправки на водоводни дефекти, за црпење отпадна вода, како и за чистење на сливници. Специјализираното мерно комбе е со вградена опрема и со опрема за третирање загуби на вода според најновите стандарди, со што се овозможува детектирање дефекти, нивно полесно и побрзо лоцирање, како и намалување на загубите на вода – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.
Новите возила со кои е обновена механизацијата на претпријатието се опремени со најновите екомотори со емисија на издувни гасови според стандардот еуро шест, кој се карактеризира со 96 отсто намалена емисија на честички што влијаат врз загадувањето на воздухот.